Жозе Мурињо и неговата Бенфика го приредија најголемиот шок во досегашниот тек на Лигата на шампионите, а сега португалскиот стратег се подготвува за нов дуел со својот поранешен клуб. Пред првиот натпревар од плеј-оф фазата, „Специјалниот“ испрати јасна порака: Реал Мадрид доаѓа во Лисабон со желба за одмазда.
Трагедијата на Реал во Лисабон сè уште боли
Да се потсетиме, Бенфика го шокираше фудбалскиот свет со победата од 4:2 во последното коло од лигашката фаза. Тој пораз, зачинет со неверојатниот гол со глава на голманот Анатолиј Трубин во 98-та минута, го исфрли Реал од местата кои водат директно во осминафиналето и го „турна“ на деветтата позиција.
„Тие се ранети. А ранетиот крал е најопасен“, изјави Мурињо, алудирајќи на 15-те титули на шпанскиот гигант во ова натпреварување. „Ќе играме со главата, со амбиција и со самодоверба. Знаеме што им направивме на кралевите на Лигата на шампионите минатиот месец“.
Може ли Трубин да го повтори чудото?
Иако Трубин беше херојот во последната средба, Мурињо на свој препознатлив начин се пошегува пред новиот дуел на „Луж“.
„Овојпат Трубин нема да биде во нападот на стадионот ‘Луж’“, се насмеа Жозе. „Навикнат сум на вакви елиминациски натпревари, го правам тоа цел живот. Луѓето мислат дека ни треба одреден резултат во првиот меч, но јас велам – нема дефинитивен резултат во првите 90 минути“.
Бенфика направи вистински подвиг со пласманот во нокаут-фазата, откако ги загуби првите четири натпревари во групата, додека Реал Мадрид, иако доминира во Ла Лига, ќе мора да докаже дека поразот во Лисабон бил само „лош ден“.



