Светот е во шок по откритието на реномираниот „The Athletic“ за бизарната медицинска грешка во Реал Мадрид. Најголемата ѕвезда на тимот, Килијан Мбапе, бил жртва на неверојатен превид на клупските лекари, кои при прегледот во декември направиле магнетна резонанца на – погрешната нога!
Овој аматеризам довел до тоа Мбапе да одигра три натпревари со сериозна повреда, пред воопшто да се открие вистинскиот проблем.
Како се случи „медицинското лудило“?
Повредата на коленото Мбапе ја заработи на 7 декември против Селта. Поради болки, тој бил испратен на скенирање, но медицинскиот персонал по грешка го скенирал неговото здраво десно колено. Бидејќи наодот бил чист, лекарите му дале „зелено светло“ за игра.
Мбапе одигра три цели натпревари во финишот на 2025 година со воспалено лево колено, успевајќи дури и да го израмни рекордот на Кристијано Роналдо од 59 гола во една календарска година. Дури по Божиќната пауза, кога болките не престанале, била направена нова контрола која покажала делумно кинење на задните лигаменти на левото колено.

Жртва на грешката беше и Чаби Алонсо?
Овој скандал фрла ново светло на превирањата во клубот. Реал Мадрид повредата ја опиша само како „истегнување“ за да ја смири јавноста, но Мбапе поради тоа не отпатува за Саудиска Арабија на Суперкупот. Французинот се врати недоволно заздравен за финалето против Барселона, каде влезе од клупата во поразот (3-2) кој на крајот му пресуди на тогашниот тренер Чаби Алонсо.
Арбелоа внимава, Франција на потег
Новиот тренер Алваро Арбелоа потврди дека состојбата на Мбапе се следи ден за ден. Иако Килијан настапи по 20-тина минути во дербијата против Сити и Атлетико изминатава недела, тој сè уште не е на 100%.
И покрај овој „медицински хаос“, Мбапе моментално е на репрезентативна должност со Франција во САД, каде ги очекуваат пријателски средби со Бразил и Колумбија. Прашањето е дали Дидие Дешам ќе ризикува со најдобриот играч по ваквата дијагноза.



