Скопје се подготвува за спортски спектакл од невидени размери. Оваа есен, главниот град нема да биде само центар на државата, туку вистински епицентар на трчањето. Организаторите на омилената спортска манифестација во градот официјално потврдија – урнат е апсолутниот рекорд за Виз Ер Скопскиот маратон!
На 4 октомври 2026 година, повеќе од 15.000 пријавени учесници ќе застанат на стартната линија. Ова одамна престана да биде само обична бројка. Тоа се 15.000 различни приказни, лични мотиви и причини поради кои скопскиот асфалт ќе пулсира во ритамот на маратонците.
Ние во „Спортска Станица“, како горди медиумски партнери на овогодинешното издание на Виз Ер Скопскиот маратон, со задоволство ја пренесуваме позитивната еуфорија која веќе се чувствува низ градот. Со соборувањето на рекордот, организаторите најавија дека сега се преминува во фаза на интензивни, финални подготовки за беспрекорна реализација на настанот.
Одбројувањето е веќе започнато. Се чека моментот кога буквално целото Скопје ќе излезе надвор. Овој настан одамна ги надмина границите само на оние кои се натпреваруваат – некои ќе ги трошат патиките трчајќи кон целта, а некои ќе бидат покрај патеката за да дадат громогласна поддршка.
Сите заедно, тркачите и навивачите, имаат една заедничка мисија: да го направат 4 октомври датум за паметење. Скопје, подготви се!






