Фудбалот е романтика сам по себе, но вечерва на „Џузепе Меаца“ љубовта ќе биде ставена во втор план. Точно во 20:45 часот, додека светот го слави Денот на вљубените, Италија застанува за најголемиот спектакл, Дерби д’Италија.
Ривалството меѓу Интер и Јувентус не познава празници. За „Нераѕурите“ ова е шанса за одмазда и бегство кон титулата, а за „Бјанконерите“ тест за зрелост и битка за Лигата на шампионите.
Машинеријата на Киву против тактиката на Спалети
Интер влегува во дербито како апсолутен фаворит на хартија. Тимот на Кристијан Киву делува застрашувачки, со 57 постигнати голови и серија од 11 победи на последните 12 натпревари во Серија А. По „петардата“ против Сасуоло (5-0), самодовербата е на врвно ниво. Добрата вест за домаќините е враќањето на моторот во средниот ред, Николо Барела и Хакан Чалханоглу се подготвени за старт, иако се очекуваше да бидат поштедени.
Од другата страна, Јувентус на Лучијано Спалети доаѓа по ремито со Лацио и елиминацијата од Купот. Со 12 бода заостанување зад лидерот, титулата делува далечна, но гордоста е во прашање. Спалети има главоболки со составот, Влаховиќ и Милик се аут, па нападот ќе го предводи Џонатан Дејвид, додека настапот на Кефрен Турам е неизвесен.
Историјата вели Јуве, формата вели Интер
Интересно е што историјата на 14 февруари е на страната на гостите. Двапати досега овие ривали играле на овој датум (1932 и 1960), и во двата наврати Јувентус славел победа.
Сепак, Интер на Киву сака да ја прекине „црната серија“ во дерби натпреварите и да го наплати долгот од есенскиот дел, кога Јуве славеше со 4-3 во луд натпревар.
Вечерва нема да има подароци на теренот. Само борба за секоја педа.



