Лос Анџелес Лејкерс здивнаа. Најдобриот стрелец во лигата, Лука Дончиќ, нема да биде суспендиран и ќе може да настапи на вечерашниот дерби-дуел против првопласираниот Детроит Пистонс. НБА лигата официјално ја поништи неговата 16-та техничка грешка заработена на мечот против Орландо, со што ја повлече автоматската суспензија од еден натпревар.
Што навистина се случи во Орландо?
Инцидентот се случи во третата четвртина додека Словенецот беше на линијата за слободни фрлања. Дончиќ влезе во вербална пресметка со центарот на Меџик, Гога Битадзе, по што двајцата беа „наградени“ со технички грешки.
По натпреварот, Лука беше брутално искрен и откри зошто ја изгубил контролата:
„Морав да застанам во своја одбрана. Тој ми кажа дека ќе ми го е*е целото семејство додека бев на линијата. Иако знам дека ги изневерив соиграчите со техничката, едноставно не можев да премолчам такви навреди. Се надевав дека лигата ќе ја види вистината“, изјави Дончиќ.
FULL INTERACTION—
— HeroOfTheDay (@Hero_OfThe_Day) March 22, 2026
Luka Doncic tried to tell the refs about Goga multiple times in this game, then between free-throws he calmly explains to the refs what is going on, and they do NOTHING.
The second he says something back, they tech him. Corruption 🗣️🗣️pic.twitter.com/wAMOwXP0sL
Битадзе ги негираше овие обвинувања, тврдејќи дека само одговорил на пцовките на Дончиќ на српски јазик, но НБА по прегледувањето на снимките и изјавите одлучи да ги повлече казнените поени за двајцата кошаркари.
Лука брка историја на Коби Брајант
Оваа одлука е клучна за „езерџиите“, кои моментално се во серија од девет победи по ред. Дончиќ игра во нестварна форма, а во оваа победничка низа тој просечно бележи по 40 поени по натпревар.
Со моментален просек од 33,4 поени во сезоната, Лука е на пат да стане првиот играч на Лејкерс со титула „Најдобар стрелец“ во лигата уште од времето на незаборавниот Коби Брајант (сезоните 2005/06 и 2006/07). По минатонеделните 60 поени против Мајами, јасно е дека Словенецот е незапирлив.
Состојба во тимот пред Детроит
Иако Лука е „исчистен“, Лејкерси имаат други проблеми. Маркус Смарт и Руи Хачимура се под знак прашалник за дуелот со Пистонс поради повреди, додека позитивна вест е враќањето на Макси Клебер на листата на играчи кои би можеле да настапат по долгата пауза.



