Првата ноќ од НБА плеј-офот за тимовите на Вембањама и ШГА, донесе вистински спектакл и потврда дека новата генерација суперѕвезди е подготвена да владее со најсилната лига на светот. Виктор Вембањама ги надмина сите очекувања во своето деби на големата сцена, додека актуелниот шампион Оклахома Сити Тандер испрати застрашувачка порака до конкуренцијата со убедливото демолирање на Феникс Санс.
Вембањама го сруши рекордот на Данкан под будното око на легендите
Сан Антонио Спарс – Портланд Трејлблејзерс 111:98 (1-0 во серијата)
Атмосферата во „Фрост Банк Центарот“ беше наелектризирана. Под погледите на легендите како Грег Попович, Тим Данкан, Ману Џинобили и Дејвид Робинсон, Виктор Вембањама одигра натпревар за историја. Во своето плеј-оф деби, 22-годишниот Французин постигна 35 поени, со што го собори рекордот на франшизата за најмногу поени во дебитантски плеј-оф меч, кој претходно го држеше Тим Данкан (32 поени во 1998 година).
Вемби беше незапирлив со 13/21 шут од поле и фантастични 5/6 за три поени, покажувајќи дека притисокот врз неговите раменици воопшто не постои.
„Не би рекол дека чувствував тежина. Повеќе би рекол дека се чувствував безбедно. Како кога би се сопнале, а знаете дека има многу раце кои се подготвени да ве фатат“, изјави Вембањама, алудирајќи на поддршката од градот и клупските легенди.
Тренерот Мич Џонсон беше импресиониран од неговата зрелост: „Мислев дека е подготвен. Неговиот талент блесна во моментите кога нашата одбрана префрли во поголема брзина“.
Еден од најубавите моменти беше неговиот дриблинг зад грб на средината на теренот со кој го „замрзна“ Авдија, по што следуваше моќно забивање со две раце. На прашањето за овој потег, Вемба скромно одговори: „Искрено, не се сеќавам. Морам да го погледнам видеото“.
Шампионски марш на Оклахома: МВП Гилџус-Александер пресилен за Санс
Оклахома Сити Тандер – Феникс Санс 119:84 (1-0 во серијата)
Актуелниот МВП на лигата, Шеи Гилџус-Александер, и неговата Оклахома ја започнаа одбраната на титулата со вистинска демонстрација на сила. Иако ШГА немаше најдобра шутерска вечер (5/18 од поле), тој ја покажа својата агресивност изнудувајќи дури 17 слободни фрлања и заврши со 25 поени и 7 асистенции.
Натпреварот беше решен уште во првиот дел, а Чет Холмгрен беше човекот кој ја „запали“ публиката со тројка од речиси половина терен со звукот на сирената на крајот од првата четвртина. Тандер ја завршија четвртината со предност од 35:20 и до крајот само ја зголемуваа разликата.
Кај Феникс, Девин Букер постигна 23 поени, но тимот шутираше катастрофални 34.9% од поле. Дилон Брукс заработи „флагрантна“ лична грешка по ударот врз Холмгрен, што само дополнително ги мотивираше играчите на Оклахома да направат серија од 12-2 и целосно да го затворат натпреварот.



