НБА Преглед: Бостон моќен против Голден Стејт, Лејкерси и Тандер газат во серија!

 

Објавено:

Богатата НБА вечер донесе дури девет натпревари полни со одлични индивидуални перформанси, историски јубилеи и продолжување на неколку импресивни победнички серии. Бостон рутински ги совлада Вориорс, Оклахома ја забележа десеттата победа по ред, а Лејкерси предводени од Дончиќ и Леброн Џејмс продолжија со својата доминација.

Еве го комплетниот преглед од сите терени:

Бостон Селтикс 120 – 99 Голден Стејт Вориорс

Актуелниот шампион Бостон ја забележа третата победа по ред, лесно справувајќи се со Голден Стејт кој очигледно не може да се пронајде по повредата на Стеф Кари (скор 6-13 без него). Џејлен Браун блескаше со 32 поени, додека повратникот Џејсон Тејтум запиша дабл-дабл од 24 поени и 10 скока. Кристапс Порзингис, кој лани ја освои титулата со Бостон, при своето враќање во „ТД Гарден“ (сега во дресот на Голден Стејт) постигна 11 поени.

Оклахома Сити Тандер 121 – 92 Бруклин Нетс

Актуелниот МВП, Шаи Гилџес-Александер, одигра само колку што беше потребно. Постигна 20 поени со шут 8/9 од игра и излезе кон крајот на третата четвртина бидејќи Оклахома веќе водеше со 38 разлика! Тандер ја забележаа 10-та победа по ред, а Џаред Мекејн беше најефикасен со 26 поени. Бруклин е во слободен пад со 15 порази на последните 17 мечеви.

Хјустон Рокетс 116 – 124 Лос Анџелес Лејкерс

Лејкерси стигнаа до седмиот триумф по ред во режија на нивното супер-дуо. Лука Дончиќ флертуваше со трипл-дабл (40 поени, 10 асистенции, 9 скока), додека Леброн Џејмс одигра историски натпревар со 30 поени и речиси перфектни 13/14 од игра. Џејмс на овој натпревар ја мина и границата од 12.000 скока во кариерата. За Хјустон, Алперен Шенгун се врати со 27 поени и 10 асистенции.

Минесота Тимбервулвс 147 – 111 Јута Џез

Без повредениот Ентони Едвардс, Минесота немаше никакви проблеми против очајната Јута. Ајо Досунму одлично го искористи местото во стартната петорка и постигна 23 поени, додека Руди Гобер (21 поен, 12 скока) и Џулиус Рендл (21 поен) доминираа во рекетот. Кај Џезерите, кои загубија 12 од последните 14 мечеви, блескаше Брајс Сенсабо со 41 поен.

Мемфис Гризлис 125 – 118 Денвер Нагетс

Изненадување на вечерта! Десеткуваниот Мемфис ја прекина црната серија од осум порази по ред, совладувајќи го силниот Денвер. Тај Џером беше лидер со 21 поен и 9 асистенции. Нагетс платија данок за дури 19-те загубени топки. Никола Јокиќ беше стандардно одличен со 29 поени, 14 скока и 9 асистенции, но имаше и дури 10 загубени топки.

Њу Орлеанс Пеликанс 124 – 109 ЛА Клиперс

Пеликанс се вратија од негатива од 18 поени за да ја забележат шесттата победа по ред на домашен терен. Садик Беј (25 поени) и Треј Марфи (23 поени) ги предводеа стрелците, додека Дежонте Мари диригираше со 17 поени и 11 асистенции. Кај Клиперси, Кавај Ленард постигна 25 поени, но тимот падна под 50% успешност (34-35) и едвај го држи осмото место на Западот.

Далас Маверикс 120 – 135 Атланта Хокс

Атланта игра во транс! Хокс ја впишаа 11-та победа по ред (најдолга серија од 2015 година) и сериозно се вклучија во трката за плеј-ин турнирот. Си-Џеј Меколум со 24 и Никел Александер-Вокер со 22 поени беа творци на триумфот против очајниот Далас (23-47) кој очигледно веќе мисли на драфт лотаријата.

Торонто Репторс 139 – 109 Чикаго Булс

Торонто го демолираше Чикаго во натпревар каде дури седум играчи на Репторс беа двоцифрени, предводени од Ар Џеј Барет (23 поени). Канаѓаните шутираа неверојатни 57% од игра. Кај Булси потфрли Џош Гиди, кој по серијата трипл-дабл настапи, овојпат беше задржан на само 9 поени и 3 асистенции.

Индијана Пејсерс 119 – 127 Портланд Трејл Блејзерс

Агонијата на Индијана продолжува по запишувањето на срамниот 15-ти пораз по ред, што е најдолга црна серија во историјата на франшизата! Портланд го искористи тоа предводен од Дени Авдија (32 поени, 11 скока) и Донован Клинган кој одигра меч на кариерата со 28 поени и 13 скока, задржувајќи ги шансите на Блејзерси за плеј-ин турнирот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено