Џејлен Брансон со лидерска партија ги предводеше Њујорк Никс до важна победа во Филаделфија, Чикаго Булс славеа со тројка со звукот на сирената на вечер посветена на Дерик Роуз, додека Лос Анџелес Лејкерс режираа спектакуларен камбек против Далас Маверикс.
Никс – 76ерс 112:109
Џејлен Брансон постигна 31 поен, а ОЏи Ануноби додаде 23, со што Њујорк Никс издржаа во драматичен финиш и славеа на гостувањето кај Филаделфија 76ерс. По убедливата победа над Бруклин, Никс го искористија моќниот трет период (30 поени) за да ја контролираат играта и да ја запрат серијата порази од Филаделфија оваа сезона.
Џоел Ембид одигра монструозен натпревар со 38 поени и 11 скока, но загубената топка во последниот напад го запечати поразот на Сиксерс. Тајрис Макси постигна 22 поена, но промаши тројка за израмнување во самата завршница. Клучен момент беа двете врзани тројки на Ануноби и Лендрeј Шемет, со кои Никс одбија обид за камбек.
Хорнетс – Визардс 119:115
Шарлот Хорнетс стигнаа до втората последователна победа, предводени од Брендон Милер (21 поен), додека Мајлс Бриџис и ЛаМело Бол додадоа по 20. Против Вашингтон Визардс, Хорнетс покажаа поголема зрелост во клучните моменти.
Иако Тре Џонсон блескаше со рекордни 26 поени, Визардс го доживеаја деветтиот пораз по ред. Историски, Вашингтон настапи со најмладата стартна петорка по просечна возраст во историјата на НБА
Кавалирс – Меџик 119:105
Со 27 од своите 36 поени постигнати по паузата, Донован Мичел ги предводеше Кливленд Кавалирс до сигурна победа над Орландо Меџик. И покрај отсуството на Даријус Гарланд, Кливленд одигра зрело и ја искористи серијата тројки на почетокот од последната четвртина за да се одлепи.
Паоло Банкеро со 27 поени беше најдобар кај Орландо, но Меџик не успеаја сериозно да се заканат во финишот. Кавалирс ја продолжија добрата форма со петта победа во последните шест натпревари.
Булс – Селтикс 114:111
Чикаго Булс приредија спектакл на „Јунајтед Центер“, совладувајќи ги Бостон Селтикс со тројка на Кевин Хјуртер во последната секунда, непосредно пред церемонијата за повлекување на дресот на Дерик Роуз.
Коби Вајт постигна 22 поена, а Чикаго стигна до четвртата победа по ред. И покрај 33 поени на Џејлен Браун, Селтикс паднаа во драматичен финиш, додека публиката доби ноќ за паметење.
Лејкерс – Маверикс 116:110
Лука Дончиќ постигна 33 поени и подели 11 асистенции, а Лос Анџелес Лејкерс направија неверојатен камбек од минус 15 во последните седум минути против Далас Маверикс. ЛеБрон Џејмс ги постигна клучните поени во завршницата, додека Руи Хачимура беше икс-факторот со серија важни погодоци.
Иако Далас доминираше во третата четвртина, Лејкерс ја кренаа одбраната кога беше најважно и стигнаа до голема победа на емотивното враќање на Дончиќ во Тексас.
Хит – Џез 147:116
Со 26 поени и 15 скока на Бем Адебајо, Мајами Хит буквално прегазија Јута Џез, постигнувајќи 147 поени, што е израмнет рекорд на сезоната. Никола Јовиќ и Пеле Ларсон дадоа силен придонес, а Мајами ја контролираше средбата од самиот почеток.
Јусуф Нуркиќ запиша историски трет последователен трипл-дабл за Џез, но тоа не беше доволно да се избегне шестиот пораз во последните седум натпревари.



