Изминатата ноќ во најсилната кошаркарска лига донесе неколку изненадувања и историски моменти. Додека Детроит покажа карактер по тешкиот пораз претходната вечер, Шарлот го потврди својот подем со уривање на големата победничка низа на Њујорк Никс.
Детроит Пистонс 129 – 108 Њу Орлеанс Пеликанс
Само еден ден по болниот пораз во продолжение од Атланта, Детроит Пистонс покажаа дека имаат „кратка меморија“ и го прегазија Њу Орлеанс. Доминантна фигура на мечот беше Џејлен Дурен, кој запиша моќен дабл-дабл со 30 поени и 10 скока. Изненадувачки за тим кој важи за еден од најлошите тројкаши, Пистонс шутираа фантастични 53% од дистанца. Кај гостите, Зајон Вилијамсон застана на 21 поен, а Пеликаните сами си пресудија со очајно изведување на слободните фрлања (под 46%).
Шарлот Хорнетс 114 – 103 Њујорк Никс
Серијата од седум победи на Њујорк Никс беше брутално прекината во Шарлот. Главниот виновник е 20-годишниот Кон Кнупел, кој испиша историја во НБА! Со своите 26 поени (6 тројки), тој стана најмладиот играч во историјата кој постигнал 250 тројки во една сезона. Кнупел беше на чекор до трипл-дабл (10 скока, 8 асистенции), а одлична поддршка имаше од ЛаМело Бол (22 поени). За Никси не беа доволни ниту 26-те поени на Џејлен Брансон, кои пропуштија шанса уште синоќа да заверат пласман во плејофот.
Орландо Меџик 111 – 107 Сакраменто Кингс
По црната серија од шест порази, Орландо конечно најде лек, а името му е Паоло Банкеро. Првата ѕвезда на Меџик испорача 30 поени, 9 скока и 7 асистенции, со што го прекина слободниот пад на својот тим на табелата. Ова беше 25-ти пат во неговата кариера Банкеро да има 30/5/5 учинок, бројка која во историјата на франшизата ја надминал само легендарниот Трејси Мекгрејди. Десмонд Бејн додаде 23 поени во победата која ги врати Орландо во мртва трка за осмото место на Истокот.
Пеколна борба на Истокот
Табелата во Источната конференција е вистински лавиринт. По синоќешните резултати, имаме троен егал на осмото место меѓу Шарлот, Орландо и Мајами (сите со скор 39-34). Со оглед на тоа што Атланта, Торонто и Филаделфија се на само една победа предност, секој натпревар до крајот на регуларниот дел ќе биде како финале за избегнување на плеј-ин турнирот.



