НБА преглед: Гилџес-Александер и Тандер продолжуваат да газат, блескавата ноќ на Дончиќ недоволна за победа на Лејкерс

 

Објавено:

Тандер – Рокетс 111:91

Оклахома Сити уште еднаш покажа зошто моментално е најстабилната екипа во НБА. Шеј Гилџес-Александер постигна 20 поени, а Чет Холмгрен додаде 18 поени и девет скокови во убедливата победа на гости кај Хјустон. Клучен беше последниот период, во кој Тандер направија серија од 34:16 и целосно го скршија отпорот на Рокетс.

Кај Хјустон, Кевин Дјурант заврши со 19 поени, но со многу слаб шут од поле, додека тимот како целина имаше очајна вечер зад линијата за три поени.

Меџик – Гризлис 118:111

Историска вечер во Берлин, каде Орландо славеше во првиот НБА натпревар од регуларна сезона одигран во Германија. Паоло Банкеро блесна со 26 поени и 13 скокови, а Франц Вагнер се врати на терените токму во својата татковина и одигра важна улога во победата.

Мемфис имаше водство и во завршницата, но Орландо беше посмирен во клучните моменти и со серија поени во финишот го реши натпреварот.

Пистонс – Санс 108:105

Детроит продолжува со одличните партии на Истокот. И покрај тоа што губеа со 16 поени во првото полувреме, Пистонс направија пресврт и стигнаа до нова победа. Данкан Робинсон беше најефикасен со 19 поени, а Џејлен Дурен доминираше под кошевите со 16 поени и 18 скокови.

Феникс имаше шанса во самиот финиш, но не успеа да го искористи последниот напад.

Селтикс – Хит 119:114

Бостон се врати од минус 19 и запиша една од најголемите победи сезонава. Анферни Сајмонс одигра неверојатна четврта четвртина, постигнувајќи 18 од своите 39 поени, и го предводеше пресвртот на Селтикс.

Мајами имаше контрола речиси три четвртини, но падна во завршницата под притисокот на гостите.

Спарс – Бакс 119:101

Виктор Вембањама се врати по кратка повреда и го предводеше Сан Антонио до убедлива победа над Милвоки. Французинот запиша 22 поени и 10 скокови, а Спарс во еден момент водеа и со 39 поени разлика.

Јанис Адетокумбо имаше 21 поен, но Бакс продолжуваат со лошата серија.

Маверикс – Џез 144:122

Клеј Томпсон имаше вечер за паметење во Далас. Со шест погодоци за три поени и 26 поени вкупно, тој се искачи на четвртото место на вечната листа по погодени тројки во НБА.

Маверикс одиграа офанзивно најдобар натпревар сезонава, додека Јута повторно имаше проблеми во одбраната.

Трејл Блејзерс – Хокс 117:101

Портланд сигурно ја одработи домашната задача против Атланта. Шејдон Шарп постигна 24 поени, а Блејзерс се одлепија во последната четвртина.
Хокс продолжуваат со лошите резултати на гости и веќе деветти пат по ред загубија во Портланд.

Вориорс – Никс 126:113

Џими Батлер и Стеф Кари беа лидерите на Голден Стејт во победата над Њујорк. Батлер заврши со 32 поени, додека Кари додаде 27 и седум асистенции, проработувајќи во второто полувреме.
Никс повторно имаа проблеми без Џејлен Брансон и ја продолжија негативната серија.

Хорнетс – Лејкерс 135:117

Шок во Лос Анџелес. ЛаМело Бол уфрли девет тројки и 30 поени, од кои дури 27 во второто полувреме, и ги предводеше Шарлот до убедлива победа.

Лука Дончиќ постигна 39 поени за Лејкерс, а Леброн Џејмс додаде 29, но одбраната на домаќините целосно потфрли во продолжениот пад на формата.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено