Изминатата ноќ во НБА лигата помина во знакот на неверојатниот Никола Јокиќ, кој продолжува да пишува историја, но и во знакот на големи изненадувања, меѓу кои се издвојува историскиот триумф на Минесота среде Бостон.
Денвер Нагетс 128 – 112 Портланд Трејл Блејзерс
Никола Јокиќ повторно беше доминантен во редовите на Денвер. Српскиот центар го запиша својот 35-ти трипл-дабл во сезоната, постигнувајќи 22 поени, 14 скока и 14 асистенции. Портланд немаше никакво решение за „Џокерот“, кој го диктираше темпото во текот на целиот меч.
Џамал Мареј додаде 22 поени, а навивачите во Колорадо го прославија и враќањето на Пејтон Вотсон по повредата, кој за само 20 минути уфрли 14 поени. Денвер со оваа победа ја прекина серијата на Портланд од три триумфи во низа.
Бостон Селтикс 92 – 102 Минесота Тимбервулфс
Најголемото изненадување на вечерта дојде од „ТД Гарден“, каде Минесота успеа да слави по пауза од цели 21 година! Последната победа на „волците“ во Бостон беше во 2005 година, а синоќа оваа црна низа беше прекината благодарение на Боунс Хајланд, кој од клупата постигна 23 поени.
Иако беа без својата прва ѕвезда Ентони Едвардс, Минесота направи серија од 16-0 во последната четвртина и го „скрши“ Бостон. Кај домаќините, Џејлен Браун постигна 29 поени, додека Тејтум потфрли со само 16 поени.
Њујорк Никс 145 – 113 Вашингтон Визардс
Никс продолжуваат да газат сè пред себе, запишувајќи ја шесттата победа по ред. Жртва овојпат беше очајниот Вашингтон, кој го претрпе 16-от последователен пораз. Карл-Ентони Таунс доминираше во рекетот со 26 поени и 16 скока, додека Џејлен Брансон додаде 23 поени.
Интересен момент на мечот беше настапот на дебитантот Тајлер Колек, кој откако претходно истиот ден постигна 42 поени во Г-лигата, доби шанса кај Никс и за пет минути уфрли 11 поени без промашување.
Сакраменто Кингс 126 – 122 Бруклин Нетс
Драматично беше во Сакраменто, каде домаќините едвај го скршија отпорот на Бруклин. Малик Монк беше клучен во финишот, постигнувајќи 10 од своите 32 поени во последните пет минути. Бруклин имаше шанса за последен напад, но Нолан Траоре излета во аут, со што „кралевите“ ја прекинаа низата од два порази. Кај Нетс, Бен Сараф беше најефикасен со 22 поени, но тоа не беше доволно да се избегне седмиот пораз по ред.
Феникс Санс 120 – 98 Торонто Репторс
Девин Букер (25 поени) и Џејлен Грин (20 поени) ги предводеа „сонцата“ до рутински триумф над Торонто, со што Феникс ја прекина својата серија од пет порази. Домаќините водеа во текот на целиот натпревар, а предноста во еден момент достигна и огромни +30. Кај Торонто, кој падна на петтото место на Истокот, Скоти Барнс уфрли 17 поени.



