НБА преглед: Јокиќ со трипл-дабл во поразот од Голден Стејт, Бостон ги понижи Лејкерси

 

Објавено:

Возбудувањата во најсилната кошаркарска лига на светот продолжуваат со полна пареа по Ол-стар паузата. Изминатава ноќ донесе неверојатни индивидуални партии, неочекувани порази на фаворитите и историски моменти кои ги одбележаа терените ширум САД.

Јокиќ до историја, но Голден Стејт славеше без Кари (128:117)

Никола Јокиќ одигра натпревар за историските книги, но тоа не беше доволно за Денвер. Српскиот центар забележа застрашувачки трипл-дабл со 25 поени, 20 скокови и 12 асистенции, негов 19-ти ваков учинок сезонава. Сепак, „Воините“ и без Стеф Кари славеа благодарение на Брендин Поџиемски (18 поени, 15 скокови) и Мозес Муди кој уфрли 23 поени.

Бостон го „преслуша“ Лос Анџелес во најголемото дерби (89:111)

Најголемото ривалство во НБА заврши со доминација на Селтикс. Џејлен Браун со 32 поени и Пејтон Причард со 30 беа пресилни за „Езерџиите“. Леброн Џејмс постигна 20 поени и стигна до историската бројка од 43.000 поени во кариерата, додека Лука Дончиќ додаде 25 во поразот на Лејкерси.

Оклахома Сити и со „втора постава“ ги урна Кавалирс (121:113)

Без Гилџус-Александер и Вилијамс, Тандер покажаа сила. Исаја Џо блесна со 22 поени (6 тројки), а Чет Холмгрен доминираше со 17 поени и 15 скокови. Кај Кливленд, Мичел, Харден и Мерил постигнаа по 20 поени, но не успеаја да го сопрат „огнот“ на Тандер кои погодија дури 21 тројка.

ЛаМело Бол како во транс: 10 тројки против Вашингтон (112:129)

ЛаМело Бол приреди шоу во главниот град со рекордни 10 тројки и 37 поени. Шарлот го „запали“ обрачот во третата четвртина со 12 тројки од 14 обиди, комплетирајќи ја „метлата“ (4-0) против Визардс оваа сезона.

Торонто го шокираше Милвоки среде Висконсин (94:122)

Имануел Квикли со 32 поени и Брендон Инграм со 22 го предводеа Торонто до убедлива победа. Милвоки изгледа загубено без Јанис Антетокумбо (пропушти 11-ти меч по ред), а кај нив најефикасни беа Ролинс и Портер Џуниор со по 21 поен.

Далас ја прекина црната серија во Индијанаполис (130:134)

Маверикс ја прекинаа низата од 10 порази. Крис Мидлтон со 25 поени и П.Џ. Вашингтон со 23 беа клучни во триумфот. Кај Пејсерс се врати Паскал Сијакам со 30 поени, но тоа не беше доволно за да се избегне третиот пораз по ред.

Атланта со голем пресврт ги „скрши“ Мрежите (115:104)

Џејлен Џонсон со 26 поени и 12 скокови ја предводеше Атланта која надополни негатива од 11 поени во последната четвртина. СЏеј МекКолум додаде 16 поени во своето деби по трејдот на Тре Јанг, додека Мајкл Портер Џуниор беше прво име кај Бруклин со 18 поени.

Макси го „запали“ Минесота, Сиксерс моќни и без Ембид (108:135)

Тајрис Макси со 39 поени беше незапирлив за „Волците“. Филаделфија погоди дури 21 тројка и ја прекина серијата порази иако сè уште е без повредениот Џоел Ембид. Ентони Едвардс со 28 поени беше единствената светла точка за домаќините.

Портланд со дефанзивен „мастерклас“ во Феникс (77:92)

Санс одиграа очаен натпревар постигнувајќи само 77 поени (најниско во сезоната). Донован Клинган со 23 поени и 13 скокови доминираше во рекетот за Портланд, кој полека но сигурно станува „нагазна мина“ за фаворитите.

Таунс донесе триумф за Никс во Чикаго (99:105)

Карл-Антони Таунс забележа 28 поени и 11 скокови во втората победа по ред за Никс. Чикаго имаше водство во финишот, но Таунс и Брансон со мирна рака ги обезбедија бодовите за гостите од „Мека“ на кошарката.

Драма во Инглвуд: Орландо го преживеа Кавај Ленард (109:111)

Десмонд Бејн уфрли 36 поени за Меџик, кои едвај славеа против Клиперс. Кавај Ленард и покрај повредата на зглобот се врати и постигна 37 поени, но Бенидикт Матурин ја промаши тројката за победа во последната секунда.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено