НБА преглед: Никс се вратија од -21 против Вориорс, Флег доминира во Кливленд!

 

Објавено:

Изминатата ноќ во НБА лигата донесе неколку спектакуларни натпревари, но сите погледи беа вперени кон Њујорк, каде што домашните Никс го приредија најголемиот пресврт оваа сезона.

Брансон ги „запали“ Никси, Вориорс во слободен пад

Њујорк Никс успеаја да слават над Голден Стејт Вориорс со 110-107, иако во втората четвртина имаа негатива од огромни 21 поен. Џејлен Брансон уште еднаш покажа зошто е лидер на овој тим, постигнувајќи 30 поени со 9 асистенции. Карл-Ентони Таунс помогна со дабл-дабл учинок (17 поени, 12 скока), додека Оу-Џи Ануноби ги запечати бодовите со клучни слободни фрлања во финишот.

Од друга страна, „Воините“ настапија десеткувани без Кари, Батлер и Грин, па го претрпеа петтиот пораз во низа и покрај одличните 25 поени на Поџиемски.

Купер Флег го „разоружа“ Кливленд

Младиот суперталент Купер Флег одигра партија за паметење во победата на Далас Маверикс над Кливленд Кавалирс (130-120). Првиот пик на драфтот забележа 27 поени и 10 асистенции, потврдувајќи дека веќе е една од најголемите ѕвезди во лигата. На Кавалирс не им помогнаа ниту 26-те поени на Донован Мичел, ниту пак камбекот на Макс Струс кој постигна 24 поени.

Оклахома Сити не знае за пораз, Јанис немилосрден против Индијана

Оклахома Сити Тандер ја продолжи својата доминација со осмата победа по ред, овојпат над Минесота Тимбервулвс со 116-103. Чед Холмгрен (21 поен) и Шај Гилџус-Александер (20 поени) беа премногу силни за Рендл и Едвардс.

Во Милвоки, Јанис Антетокумпо беше блиску до трипл-дабл (31 поен, 14 скока и 8 асистенции) во триумфот на Бакс над Индијана Пејсерс од 134-123. „Елените“ погодија дури 23 тројки, што е нивен сезонски рекорд.

Брендон Инграм го „запали“ Торонто, Рапторс ја прекинаа серијата на Детроит

Торонто Рапторс славеа важна победа над Детроит Пистонс со 119-108, ставајќи крај на традицијата на порази во дуелите со овој противник. Натпреварот помина во знакот на Брендон Инграм, кој одигра маестрално и постигна 34 поени.

Покрај него, Ар-Џеј Берет додаде 27 поени, додека Јакоб Поелтл доминираше под кошевите со 21 поен и рекордни за него сезонава 18 скока. Скоти Барнс беше блиску до трипл-дабл со 14 поени, 10 скока и 8 асистенции. А кај Детроит, Кејд Канингем со 33 поени не успеа сам да го спречи поразот.

Рекорд на сезона за Квентин Грајмс во триумфот на Филаделфија

Филаделфија 76ерс продолжува со добрата форма, совладувајќи го Портланд Треил Блејзерс со 109-103. Херој на вечерта за „Сиксерси“ беше Квентин Грајмс, кој го постигна својот сезонски рекорд од 31 поен.

Во отсуство на дел од главните ѕвезди, одлична партија пружи и младиот Џастин Едвардс со 21 поен, додека искусниот Андре Друмонд „царуваше“ во рекетот со дури 17 скока. Кај Портланд, Дени Авдија беше најефикасен со 25 поени, но неговите 7 изгубени топки се покажаа како клучни.

Дерозан со 41 поен ја „сруши“ Јута

Најдобриот индивидуален учинок на вечерта му припадна на ДеМар Дерозан, кој во триумфот на Сакраменто Кингс над Јута Џез (116-111) постигна неверојатни 41 поен. Дерозан додаде и 11 асистенции, поставувајќи ги своите најдобри бројки за оваа сезона.

Кингси водеа во поголемиот дел од мечот, но мораа да го издржат налетот на младиот Коди Вилијамс, кој за Јута постигна рекордни во кариерата 34 поени. Покрај Дерозан, кај „Кралевите“ одличен беше и Прешис Ачиува со дабл-дабл од 20 поени и 11 скока.


Следете нè: Facebook | Instagram

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено