Изминатата ноќ во НБА лигата помина во знакот на неколку клучни победи за фаворитите, но и сериозни повреди кои можат драстично да ја променат сликата пред почетокот на доигрувањето.
Кавалирс ги „скротија“ Вориорс во нивниот дом
Кливленд Кавалирс ја продолжија одличната серија победи откако славеа на гости кај Голден Стејт со 118-111. Донован Мичел беше лидер со 25 поени, додека Макс Струс додаде 24, вклучувајќи ја и клучната тројка на 54 секунди пред крајот. Кај „воините“, најефикасни беа Сантос и Поџиемски со по 25 поени.
Оклахома ги демолираше Лејкерс, Дончиќ се повреди
Тандер му одржаа вистинска лекција на Лос Анџелес Лејкерс победувајќи ги со неверојатни 43 поени разлика (139-96). Актуелниот МВП, Шај Гилџус-Александер, доминираше со 28 поени, но главната вест од овој меч е повредата на Лука Дончиќ. Словенецот ја повреди задната ложа во третата четвртина и го заврши мечот со скромни 12 поени.
Рекорд на рукито Кнупел во победата на Шарлот
Шарлот Хорнетс ги прегазија Феникс Санс со 127-107, а натпреварот ќе остане запаметен по историскиот учинок на младиот Кон Кнупел. Четвртиот пик на драфтот постигна 20 поени и постави нов франшизен рекорд по бројот на тројки во дебитантска сезона (261), соборувајќи го рекордот на Кемба Вокер.
Детроит подобар од Минесота во дуелот на „ослабените“
Детроит Пистонс славеа против Минесота со 113-108 во меч каде и двата тима беа без своите најголеми ѕвезди. Ентони Едвардс (Минесота) и Кејд Канингем (Детроит) беа надвор од составот, што значи дека и двајцата официјално нема да бидат во конкуренција за НБА наградите бидејќи не го исполнија минимумот од 65 одиграни натпревари.
Портланд ја продолжува потерата по плеј-ин место
Трејл Блејзерс ја забележаа третата победа во низа совладувајќи го Њу Орлеанс со 118-106. Џру Холидеј одигра фантастичен меч со 27 поени и 7 тројки, со што Портланд сега се искачи на осмото место на Западот, поминувајќи ги Клиперси.
Сан Антонио незапирлив и без Вембањама
Иако Виктор Вембањама доби заслужен одмор, Спарси ја продолжија својата серија на 11 победи по ред, овојпат славејќи кај Клиперси со 118-99. Де’Арон Фокс со 22 поени ги предводеше „мамузите“, додека Клиперси паднаа на деветтата позиција на табелата.



