НБА преглед: Орландо го „скрши“ Феникс, Детроит ја слави првата дивизиска титула по 18 години!

 

Објавено:

Изминатата ноќ во најсилната кошаркарска лига на светот донесе историски моменти за Детроит, доминација на Хјустон и Милвоки, како и неколку изненадувачки резултати кои ја менуваат сликата во борбата за плејофот.

Орландо поуспешен од Феникс во неизвесна завршница

Орландо Меџик успеа да извојува тешка победа над Феникс Санс со 115-111. Десмонд Бејн со 21 поен и Џејлен Сугс со 20 беа клучните алки во нападот на домаќините. Паоло Банкеро беше блиску до трипл-дабл со 19 поени, 9 скокови и 8 асистенции. Кај Феникс не помогна ниту одличната партија на Девин Букер, кој постигна 34 поени, вклучувајќи и тројка во финишот која ги донесе „сонцата“ на само два поени негатива, но триумфот на Орландо го потврди Тристан да Силва од линијата за слободни фрлања.

Историска ноќ во Детроит: Пистонс се кралеви на „Централ“

Детроит Пистонс го совлада Торонто со 127-116, но оваа победа има многу поголемо значење – „клипните“ официјално ја освоија титулата во Централната дивизија за првпат по сезоната 2007/08. Џејлен Дурен беше незапирлив со 31 поен и 9 скокови, докажувајќи дека тимот може да победува и без повредениот Кејд Канингем. Кај Торонто, Ар-Џеј Барет беше најефикасен со 24 поени.

Хјустон пресилен за Никс

Хјустон Рокетс доминираа против Њујорк Никс, победувајќи ги со убедливи 111-94. Кевин Дјурант со 27 поени ги предводеше „ракетите“, кои водеа во текот на целиот меч и не му дозволија на противникот ниту еднаш да го преземе водството. Кај гостите од Њујорк, Карл-Ентони Таунс постигна 22 поени и 8 скокови, но тоа не беше доволно да се избегне третиот пораз по ред за Никси, кои се во евидентен пад на формата.

Милвоки го „прегази“ Далас

Милвоки Бакс ја прекинаа црната серија од четири порази со триумф над Далас Маверикс од 123-99. Најпријатно изненадување беше Рајан Ролинс кој блесна со 24 поени, додека Кајл Кузма додаде 20. Милвоки ја покажа својата моќ во второто полувреме кога погоди дури 11 тројки, стигнувајќи до максимална предност од дури 31 поен, оставајќи го тимот на Далас без никаков одговор.

Портланд ги шокираше Клиперс во Лос Анџелес

Портланд Треил Блејзерс приредија изненадување на вечерта, сопирајќи го победничкиот низ на ЛА Клиперс со триумф од 114-104. Џру Холидеј одигра маестрално со 30 поени (седум постигнати тројки), додека Дени Авдија имаше ол-раунд партија со 28 поени и 11 скокови. Ка кај домаќините, Каваи Ленард уфрли 23 поени, со што ја продолжи својата низа од 52 натпревари со најмалку 20 поени, но тоа не беше доволно за победа.

Шарлот немилосрден против Бруклин

Шарлот Хорнетс лесно поминаа низ Бруклин, победувајќи ги Нетс со високи 117-86. Брендон Милер беше прво име кај „стршлените“ со 25 поени, додека ЛаМело Бол запиша 14 поени и 9 асистенции. Со овој триумф, Шарлот ја прекина низата од два порази и останува во жестока битка за плеј-ин позиција на Истокот, каде моментално е израмнет со Мајами Хит.

Следете нè: Facebook | Instagram | X


 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено