Изминатата ноќ во најсилната кошаркарска лига во светот донесе многу возбудувања, историски израмнети рекорди и продолжување на црните серии за дел од екипите.
Кевин Дјурант во последна секунда за радост на Хјустон
Најдраматичниот меч се одигра во Хјустон, каде Рокетс ги совладаа Њу Орлеанс Пеликанс со 107-105. Легендарниот Кевин Дјурант ја презеде одговорноста и погоди тежок шут на 7.6 секунди до крајот за победа. Дјурант заврши со 32 поени, додека кај Пеликанс трагичар беше Дежонте Мареј (35 поени) кој направи клучна грешка во последниот напад.
Пистонс доминантни, седми пораз во низа за Мемфис
Детроит Пистонс продолжуваат со одличните игри на Истокот, совладувајќи го Мемфис Гризлис со убедливи 126-110. Џејлен Дјурант беше незапирлив со 30 поени и 13 скока, додека Кејд Канингем запиша „дабл-дабл“ со 17 поени и 15 асистенции. За Мемфис ова е седми последователен пораз, а единствена светла точка беше дебито на 40-годишниот ветеран Таџ Гибсон.
Торонто со голем пресврт ги „изгасна“ Сонцата
Торонто Рапторс покажаа карактер против Феникс Санс, славејќи со 122-115. Иако гостите водеа со 10 поени во последната четвртина, Брендон Инграм со 36 поени и Ар-Џеј Берет со 22 поени го предводеа пресвртот на канадскиот тим. Џејлен Грин за Феникс постигна 34 поени (8 тројки), но тоа не беше доволно да се сопре серијата на Рапторс од 13-2 во финишот.
Кливленд го демолираше Далас
Кливленд Кавалирс не покажаа милост на гости кај Далас Маверикс, победувајќи со огромни 138-105. Еван Мобли одигра натпревар од соништата со 29 поени за само 23 минути на паркетот, додека Донован Мичел додаде 24. Кај Далас, младиот Купер Флег беше единствениот расположен со 25 поени, додека остатокот од тимот потфрли пред шутерската клиника на „Коњаницата“ (61.5% од игра).
Никс ја продлабочија агонијата на Индијана
Њујорк Никс стигнаа до важна победа против Индијана Пејсерс од 101-92. Џејлен Брансон (29 поени) и О-Џи Ануноби (25 поени) беа ударната игла, но херој од сенка беше Мичел Робинсон кој постави рекорд на кариерата со дури 22 скока. За Индијана ова беше 12-ти пораз по ред.
Едвардс со 42 поени ги „скрши“ Воините
Минесота Тимбервулвс славеа против десеткуваните Голден Стејт Вориорс со 127-117. Ентони Едвардс беше незадржлив со 42 поени, погодувајќи ги сите 12 слободни фрлања. Кај Вориорс, кои играа без Дрејмонд Грин, Кристапс Порзингис дебитираше во стартната петорка со 20 поени.
Каваи Леонард влезе во историјата на Клиперс
Лос Анџелес Клиперс ја продолжија серијата победи против Чикаго Булс (119-108). Каваи Леонард постигна 28 поени и со тоа го израмни рекордот на франшизата на Боб Мекаду со 44 последователни натпревари со постигнати 20+ поени. Кај Булс, Џош Гиди запиша трипл-дабл (20 поени, 11 скока, 10 асистенции), но недоволно за победа.
Портланд поблиску до плеј-ин
Портланд Трејл Блејзерс ги совладаа Јута Џез со 124-114 благодарение на одличните партии на Џру Холидеј и Скут Хендерсон (по 25 поени). Со овој триумф, Портланд дојде на само половина натпревар до деветтото место на Западот.



