Изминатата ноќ во НБА лигата донесе дури осум натпревари полни со рекорди, изненадувања и неверојатни индивидуални перформанси. Шаи Гилџес-Александер продолжи да испишува историја, Денвер лесно се справи со десеткуваната Филаделфија, додека Џош Харт одигра речиси совршен натпревар за Њујорк Никс.
Еве што се случи на сите терени низ лигата:
Њујорк Никс 136 – 110 Индијана Пејсерс
Њујорк ја забележа четвртата победа по ред, нанесувајќи ѝ го на Индијана катастрофалниот 14-ти последователен пораз. Апсолутен херој беше Џош Харт кој постигна 33 поени со речиси нереален шут од игра (12/13) и перфектни 5/5 за три поени. ОЏи Ануноби додаде 26 поени, додека Карл-Ентони Таунс забележа дабл-дабл од 22 поени и 11 скока. Кај Пејсерси, најефикасен беше Џејрас Вокер со скромни 16 поени.
Детроит Пистонс 130 – 117 Вашингтон Визардс
Лидерот на Истокот, тимот на Детроит, не дозволи изненадување против „фенерџијата“ Вашингтон, кој го запиша 13-тиот пораз по ред. Џејлен Дурен доминираше во рекетот со 36 поени и 12 скока, што е негов најдобар кариерен скор. Лоша вест за Пистонс е повредата на Кејд Канингем, кој мораше да го напушти мечот во првата четвртина. Кај Визардс се истакна Буб Карингтон со 30 поени.
Оклахома Сити Тандер 113 – 108 Орландо Меџик
Оклахома ја врза 10-та победа по ред, а Шаи Гилџес-Александер уште еднаш покажа зошто е главен кандидат за МВП. Тој постигна 40 поени (14/27 од игра), продолжувајќи ја својата рекордна низа. Ова беше негов 61-ви натпревар по ред на гостински терен каде постигнува 20+ поени. Чет Холмгрен помогна со 20 поени и 12 скока. За Орландо, Паоло Банкеро забележа 32 поени, 10 скока и 5 асистенции.
Шарлот Хорнетс 136 – 106 Мајами Хит
Шарлот одигра фуриозна четврта четвртина за да го разбие Мајами. ЛаМело Бол диригираше со 30 поени и 13 асистенции, додека Коби Вајт од клупата додаде 24 поени. Мајами играше без Бем Адебајо (кој на претходниот меч постигна историски 83 поени!), а најефикасен во нивниот табор беше Тајлер Хиро со 20 поени.
Минесота Тимбервулвс 116 – 104 Финикс Санс
Иако играа без својот најдобар играч Ентони Едвардс, Тимбервулвс најдоа начин да го победат Финикс. Џулиус Рендл блескаше со 32 поени, Боунс Хајланд додаде 22 од клупата, а Руди Гобер „собра“ 19 скока. За Санс, кои играа без тројца клучни играчи, Девин Букер постигна 34 поени, но имаше очајни 1/7 за три поени.
Кливленд Кавалирс 123 – 116 Милвоки Бакс
Во натпревар со 16 промени на водството, Кливленд го искористи неиграњето на Јанис Адетокумбо. Еван Мобли (27 поени, 15 скока) и Џејмс Харден (27 поени) беа клучни за победата на Кавалирс. Милвоки (11-21 сезонава без Јанис) беше предводен од Кевин Портер Џуниор кој забележа 25 поени и 10 асистенции.
Сан Антонио Спарс 132 – 104 Сакраменто Кингс
Спарс рутински славеа во Сакраменто предводени од Виктор Вембањама (18 поени, 8 скока) и поранешниот играч на Кингс, ДиАрон Фокс (15 поени, 6 асистенции). Мечот ќе остане запаметен по Расел Вестбрук, кој со своите 10 асистенции ги престигна Марк Џексон и Стив Неш, искачувајќи се на петтото место на вечната листа на најдобри асистенти во НБА историјата. За Кингс, Максим Рејно постигна 32 поени.
Денвер Нагетс 124 – 96 Филаделфија 76ерс
Долгоочекуваниот дуел меѓу Јокиќ и Ембид повторно не се случи. Ембид го пропушти својот шестти по ред натпревар во Денвер (нема играно таму со години) и заработи жестоки свирежи од публиката кога седна на клупата во третата четвртина. Без него, и без Макси, Убре и суспендираниот Џорџ, Сиксерс беа лесен плен. Никола Јокиќ одигра само колку што требаше – 8 поени и неверојатни 14 асистенции за помалку од 12 минути пред да заработи две брзи лични грешки и техничка. Кристијан Браун ги предводеше стрелците со 22 поени.



