По цели 16 натпревари во низа исполнети со разочарувања, Сакраменто Кингс конечно ја почувствуваа сласта на победата. Кралевите славеа на гостувањето кај Мемфис, ставајќи крај на најдолгата серија порази во историјата на франшизата.
Расел Вестбрук ја прекина црната серија
Расел Вестбрук покажа дека сè уште има „гориво во резервоарот“ и со 25 поени го предводеше Сакраменто до триумф од 123:114 над Мемфис Гризлис. Ова беше прва победа за Кингс од 16 јануари, а покрај Вестбрук, блесна и Прешес Ачиува со дабл-дабл учинок од 22 поени и 12 скока. Кај домаќините, напорите на Џејвон Смол (21 поен, 9 асистенции) не беа доволни за да се избегне шестиот пораз во последните седум меча.
Спарси го „изладија“ лидерот на Истокот
Сан Антонио Спарси моментално се најжешкиот тим во лигата. Со победата од 114:103 против Детроит Пистонс, тимот на Грег Попович стигна до деветтата последователна победа. Иако Детроит влезе во мечот со серија од пет триумфи, Спарси доминираа во второто полувреме.
Девин Васел беше најефикасен со 28 поени (7 тројки), додека Виктор Вембањама одигра уште една „монструозна“ партија. Французинот мечот го заврши со 21 поен, 17 скока и дури 6 блокади, потврдувајќи дека Сан Антонио е сериозен кандидат за врвот на Западот. Кај Пистонс, Џејлен Дурен постигна 25 поени, но Кејд Канингем имаше катастрофална шутерска вечер (5/26 од поле).
Проектил на Хјустон против Јута
Хјустон Рокетс лесно се справија со Јута Џез славејќи со убедливи 125:105. Младиот Џабари Смит Џуниор одигра партија на кариерата со 31 поен (6 тројки), додека ветеранот Кевин Дјурант се фокусираше на разигрување на тимот, завршувајќи со 18 поени и рекордни за него во сезоната 12 асистенции. Алперен Шенгун беше на чекор до трипл-дабл со 16 поени, 9 скока и 9 асистенции. За Јута, светла точка беше само Лаури Марканен со 29 поени.



