Шарлот Хорнетс – Филаделфија 76ерс (130:93)
Шарлот одигра брутален натпревар и по вторпат во месецот стигна до водство од 50 поени, декласирајќи ја Филаделфија. Брендон Милер блескаше со 30 поени, а дури осум играчи на Хорнетс имаа двоцифрен учинок.
По израмнетата прва четвртина, следуваше целосен распад на гостите со 81:37 во следните две четвртини. Тајрис Макси беше задржан на само шест поени, што е негов најслаб учинок сезонава.
Атланта Хокс – Индијана Пејсерс (132:116)
Атланта направи серија 17:0 во второто полувреме и целосно го сврте натпреварот. СиЏеј Мекалум постигна 23 поени, Дајсон Даниелс додаде 22, а Хокс стигнаа до трета победа по ред. Индијана имаше плус 15 во третата четвртина, но не издржа под налетот на домаќинот.
Кливленд Кавалирс – Орландо Меџик (114:98)
Донован Мичел одигра маестрален натпревар со 45 поени, водејќи го Кливленд до четврта последователна победа. Погоди пет тројки и доминираше уште во првото полувреме. Кај Орландо, Паоло Банкеро имаше 37 поени и 10 скокови, но тоа не беше доволно да се избегне поразот.
Бостон Селтикс – Портланд Трејл Блејзерс (102:94)
Пејтон Причард постигна 23 поени и погоди базер-битер тројки на крајот од првите две четвртини, додека Џејлен Браун додаде 20. Портланд се врати на -5 во финишот, но Бостон мирно го приведе мечот до крај.
Лос Анџелес Лејкерс – Чикаго Булс (129:118)
Лука Дончиќ одигра еден од најдобрите натпревари сезонава со неверојатни 46 поени, 11 асистенции и 7 скокови. ЛеБрон Џејмс постигна 24 поени, а Лејкерси ја прекинаа серијата на Чикаго. Дончиќ доминираше од сите позиции и беше незапирлив за одбраната на Булс.
Хјустон Рокетс – Мемфис Гризлис (108:99)
Алперен Шенгун и Кевин Дјурант постигнаа по 33 поени и го решија натпреварот со силна последна четвртина. Шенгун беше речиси совршен од поле (15/17), додека Рокетс ја запишаа петтата победа во последните шест натпревари.
Минесота Тимбервулвс – Голден Стејт Вориорс (108:83)
Минесота ја прекина серијата од пет порази во меч без голем дел од ѕвездите. Руди Гобер имаше 15 поени и 17 скокови, а Вориорс шутираа катастрофални 23% за три поени, без Стеф Кари и Дрејмонд Грин.



