Изминатата ноќ во НБА лигата донесе историски моменти, продолжување на големи серии и доминација на дел од најголемите ѕвезди. Од јубилејот на Стив Кер до новата маестрална партија на Лука Дончиќ, еве што ја одбележа вечерта.
Стив Кер во „клубот 600“, Порзингис ги разбуди Вориорс
Голден Стејт Вориорс конечно ја прекинаа серијата од пет порази, совладувајќи го Вашингтон со 125:117. Овој триумф беше посебен за Стив Кер, кој стигна до својата 600-та тренерска победа во кариерата. Иако без Стеф Кари и Џими Батлер, „воините“ славеа благодарение на Кристапс Порзингис (30 поени) и Де’Антони Мелтон (27 поени), кои се вратија во тимот по одморот.
Лука Дончиќ гази сè пред себе, Лејкерс во серија
Во дербито на Западот, Лос Анџелес Лејкерс го совладаа Хјустон со 100:92 за нивна шестта победа по ред. Лука Дончиќ повторно беше нерешлива енигма со 36 поени, што е негов шестти последователен меч со 30+ поени. Леброн Џејмс додаде 18 поени, вклучувајќи ја и клучната асистенција до Маркус Смарт за триумф во финишот. Лејкерс сега се цврсто на третата позиција на Западот.
Џејлен Браун го „запали“ Бостон
Бостон Селтикс славеа над Феникс со 120:112. Џејлен Браун постигна дури 18 од своите 41 поен во последната четвртина, фрлајќи ги во сенка 40-те поени на Девин Букер. Џејсон Тејтум додаде 21 поен во неговиот камбек по повредата.
Вембањама со 50-та победа за Спарс
Во меѓувреме, Сан Антонио Спарс го совладаа ЛА Клиперс со 119:115. Виктор Вембањама (21 поен, 13 скока) и Стефон Касл (23 поени) ги предводеа Спарси до нивната 50-та победа во сезоната, што е првпат за франшизата по ерата на Тим Данкан (2016/17).
Хокс во серија од 10 победи, трипл-дабл шоу на Џејлен Џонсон
Атланта Хокс ја продолжија најдолгата активна победничка серија во лигата, совладувајќи го Орландо Меџик со 124:112. Џејлен Џонсон блесна со својот 13-ти трипл-дабл во сезоната (24 поени, 15 скока, 13 асистенции), додека Никел Александер-Вокер постави рекорд на кариерата со 41 поен. Со овој триумф Атланта се врати на осмото место на Истокот, прескокнувајќи ја Филаделфија.
Џош Гиди прави „чуда“ во Чикаго
Чикаго Булс го прегазија Мемфис Гризлис со 132:107, а главна ѕвезда беше Џош Гиди. Плејмејкерот го забележа својот четврти трипл-дабл во последните пет меча (16 поени, 15 скока, 13 асистенции). Матас Бузелис го предводеше нападот со рекордни 29 поени, додека Мемфис го запиша осмиот пораз по ред во ситуација кога играат без Џа Морант и Зак Иди.
Блејзерс доминантни во Бруклин
Портланд Треил Блејзерс лесно се справија со Бруклин Нетс (114:95). Дени Авдија и Тумани Камара постигнаа по 18 поени во натпревар во кој Блејзерс водеа и со 31 поен разлика, додека Бруклин го запиша четвртиот пораз во низа.
Пеликанс ги „прелетаа“ десеткуваните Мавс
Њу Орлеанс Пеликанс славеа над Далас Маверикс со 129:111. Зион Вилијамсон доминираше во рекетот со 27 поени. Кај Далас, кој настапи без неколку клучни играчи, најдобар беше Наџи Маршал со 32 поени против својот поранешен тим, додека првиот пик Купер Флег запиша 21 поен.



