НБА преглед: Тандер ги „прегазија“ Шампионите, шоуто на Дончиќ не беше доволно за победа на Лејкерс

 

Објавено:

Шарлот Хорнетс – Мајами Хит (120-128)

Тајлер Хиро одигра партија за историја со 35 поени, 9 скокови и 9 асистенции, ставајќи крај на низата од шест победи на Шарлот. Хиро беше незапирлив од дистанца (8/10 за три), вклучувајќи ја и клучната тројка за кршење на егалот во финишот. Бам Адебајо доминираше во рекетот со 24 поени и 12 скокови, помагајќи му на Мајами да стигне до четвртиот триумф по ред. Кај Хорнетс, дебитантот Кон Кнупел изненади со 27 поени, но тоа не беше доволно против разиграниот Хит.

ЛА Лејкерс – Индијана Пејсерс (128-117)

Во отсуство на Леброн Џејмс, Лука Дончиќ приреди шоу каков што Холивуд ретко гледа. Словенецот постигна 44 поени за само три четвртини, погодувајќи седум тројки. Лука стана само четвртиот играч во историјата на Лејкерси (покрај Коби, Бејлор и Вест) со најмалку 10 натпревари со 40+ поени во една сезона. Индијана немаше одговор за неговата магија, а Дончиќ ја реши дилемата околу победникот уште пред почетокот на последниот период.

Хјустон Рокетс – Портланд Трејлблејзерс (106-99)

Хјустон покажа карактер и со доминантни 29-17 во последната четвртина славеше против Портланд. Алперен Шенгун беше прво име со 28 поени (11/15 од игра), додека Амен Томпсон беше речиси безгрешен со 26 поени (11/12 шут). Рокетс направија серија од 23-4 во клучните осум минути од мечот, додека кај Портланд најдобар беше Џерами Грант со 21 поен.

Бостон Селтикс – Далас Маверикс (120-100)

Џејсон Тејтум се врати на паркетот по пауза од скоро 10 месеци поради тешка повреда на Ахиловата тетива. Иако со очекувана „рѓа“ (15 поени, 6/16 шут), Тејтум додаде 12 скокови и 7 асистенции во неговите 27 минути. Џејлен Браун ја презеде лидерската улога со 24 поени, додека за Далас, кој го претрпе шесттиот пораз во низа, првиот пик Купер Флаг запиша 16 поени во своето деби во „ТД Гарден“.

Денвер Нагетс – Њујорк Кникс (103-142)

Вистински дебакл за шампионот од 2023 година. Њујорк славеше со неверојатни 39 поени разлика, израмнувајќи го најтешкиот домашен пораз во историјата на Денвер. О-Џи Ануноби ги предводеше Кникс со 34 поени, а Карл-Ентони Таунс доминираше со 19 поени и 17 скокови. За Денвер трагедијата е двојна – освен поразот, го загубија и Џамал Мареј кој го повреди скочниот зглоб, па ниту 38-те поени на Јокиќ не можеа да го поправат впечатокот.

Феникс Санс – Њу Орлеанс Пеликанс (118-116)

Девин Букер постигна 18 од своите 32 поени во третата четвртина, помагајќи му на Феникс да го издржи налетот на Њу Орлеанс. Пеликанс успеаја да ја стопат негативата од 14 поени на само еден поен во финишот, но Грејсон Ален и Букер беа сигурни од линијата за слободни фрлања за тесна победа. Треј Марфи III беше најефикасен кај гостите со 22 поени.

Сан Антонио Спарс – ЛА Клиперс (116-112)

Виктор Вембањама уште еднаш докажа зошто е „вонземјанин“. Спарси губеа со огромни 75-50 во третата четвртина, но успеаја да направат неверојатен камбек. Вемби го заврши мечот со 27 поени, 10 скокови и 4 блокади, вклучувајќи го и клучното забивање за водство на 16 секунди до крајот. Каваи Ленард постигна 30 поени за Клиперс, но неговиот тим „заспа“ во последната четвртина каде Сан Антонио со серија 18-5 го презеде водството.


Следете нè: Facebook | Instagram

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено