Спарс – Лејкерс (136:108)
Сан Антонио одигра демонстрација на моќ во Лос Анџелес, а Виктор Вембањама буквално го реши натпреварот уште во првото полувреме. Францускиот феномен постигна неверојатни 37 од своите 40 поени пред паузата, вклучувајќи 25 во првата четвртина, бројка што е клупски рекорд на Спарс во еден период.
Ослабените Лејкерси настапија без Дончиќ, Леброн, Ривс и уште неколку ротациски играчи, што Сан Антонио максимално го искористи за да ја продолжи победничката серија на пет натпревари. Дру Тим и Лук Кенард постигнаа по 14 поени, но „езерџиите“ немаа ниту енергија ниту ширина да парираат.
Пејсерс – Никс (137:134 по продолжение)
Во „Медисон Сквер Гарден“ се одигра еден од најхаотичните мечеви сезонава, каде видовме дури 39 промени на водството, со вистински плејоф-интензитет. Квентон Џексон ги постигна клучните седум поени во продолжението и ја одведе Индијана до победа со која ја прекина серијата од четири порази.
Паскал Сиакам беше лидер со 30 поени, а Ендрју Нембхард запиша дабл-дабл (24 поени, 10 асистенции). Кај Њујорк, Џејлен Брансон експлодираше со 40 поени, додека Џош Харт забележа трипл-дабл, но Никс не успеаја да ја заштитат предноста и го загубија вториот од последните три меча.
Санс – Маверикс (120:111)
Феникс конечно се врати на победнички пат дома, прекинувајќи ја негативната серија благодарение на силниот старт. Дилон Брукс уфрли 15 поени уште во првата четвртина и го постави тонот на натпреварот, а Девин Букер додаде 19.
Санс водеа и со +31 во вториот дел, пред Далас да ја намали разликата. Наџи Маршал со 31 поен од клупата и Купер Флег со 27 беа светла точка за Мавс, кои влегоа во серија од осум последователни порази.
Рокетс – Клиперс (102:95)
Хјустон ја искористи одличната последна четвртина за пресврт против Лос Анџелес Клиперс. Кевин Дјурант и Алперен Шенгун беа носители на играта со комбинирани 48 поени – Дјурант постигна 26, а турскиот центар додаде 22 поени, седум скока и пет асистенции.
Амен Томпсон придонесе со 16 поени, додека Клиперс повторно се потпираа на Кавај Ленард, кој со 24 поени ја продолжи својата низа од 32 натпревари со најмалку 20 поени, но овојпат тоа не беше доволно.



