Европскиот клупски ракомет испиша историја, иако во очите на многумина, овој податок не носи позитивен предзнак. Првпат по основањето на Купот на шампионите (денешната Лига на шампиони) во далечната 1956 година, се случи истите осум клуба да обезбедат пласман меѓу најдобрите осум екипи во Европа две сезони по ред.
Елитното друштво повторно го сочинуваат Магдебург, Барселона, Алборг, Берлин, Сегед, Нант, Спортинг и Веспрем. Оваа „реприза“ на учесници е најдобар показател дека европскиот ракометен врв е во status quo, или како што велат критичарите: „затворен“ за нови предизвикувачи.
Ракометна „Суперлига“ во најава?
Ваквиот тренд предизвикува сериозна загриженост меѓу ракометната јавност. Лигата на шампионите сè повеќе поприма облик на затворен систем, еден вид „Суперлига“, во која е речиси невозможно да се пробие нов клуб со помал буџет. За ова сведочи и податокот дека во однос на минатата сезона, меѓу 16-те учесници има само една промена, данскиот тим Фредериција го замени Г0Г.
Континуитет или стагнација?
Иако постојаниот квалитет на истите екипи гарантира висока динамика и спектакл на теренот, тој истовремено го стеснува просторот за изненадувања и за пробив на нови тимови на европската сцена. Спортскиот дух се храни со неизвесност, а кога кругот на моќници е ограничен, натпреварувањето ризикува да стане предвидливо.
Сепак, постои надеж за промени. Најавеното проширување на натпреварувањето за следната сезона би можело да ги отвори вратите за нови клубови, што би внело толку потребната свежина, енергија и конкурентност во европскиот елитен ракомет.
Гостинска статија на Марија Петровска



