Од заштита до уметност: Како специјалните кациги станаа дел од идентитетот на Формула 1

Објавено:

Во свет каде возачите се скриени зад визири, токму кацигата одамна е нивниот најпрепознатлив печат. Но патувањето од обични, еднобојни дизајни до блескави, уникатни ремек-дела е приказна што совршено ја отсликува еволуцијата на самата Формула 1 – од суров спорт до спектакл кој живее и надвор од патеката.

Она што некогаш беше само заштитна опрема денес е платно за личноста, приказна и хумор. Од диско-топката на Ландо Норис до фламинго-портокаловата на Алекс Албон во Мајами, специјалните изданија во последниве години се претворија во ритуал, во мала уметничка трка во рамките на големата трка.

Сена, Извор: https://www.formula1.com

Класичната ера: Една кацига – цела кариера

Во првите децении од спортот, индивидуалноста стоеше во рамките на еден единствен дизајн кој возачите го носеа со години. Џејмс Хант имаше своја препознатлива потпис-линија на страна, Џеки Стјуарт со гордост ја носеше тартан-панделката инспирирана од Шкотска, а Аиртон Сена создаде вистинска икона со жолто-зелената комбинација која и денес е симбол на Бразил.

Тогаш кацигата го претставуваше само возачот, а не тимот. Тоа се промени со Михаел Шумахер. Со преселбата во Ферари, тој го напушти германското знаменце и се одлучи за силна црвена боја, јасно ставајќи до знаење дека дизајнот може да биде дел од идентитетот на целиот тим. И од тој момент почна нова ера на креативност и соработка.

Мајсторите зад дизајните

Секоја специјална кацига носи потпис на уметник. Најголемите имиња? Јенс Мунсер, човекот кој стои зад Ферари-ерата на Шумахер, лудите шари на Ландо Норис и емоционалниот трибјут за Сена на Себастијан Фетел. И Масимо Данте (Mad 56) кој со години ги обликува кацигите на Ред Бул и Алекс Албон.

Тие се дизајнери, но и инженери. Мораат да балансираат меѓу уметност, аеродинамика, правила и обврските кон спонзорите. И додека некогаш секоја линија се цртала рачно, денес се користат специјални тенки пигменти и налепници кои ја намалуваат тежината, нешто што на Шумахер му беше опсесија.

Петте години рестрикции и креативност што не можеше да се сопре

Во 2015 година, ФИА реши да стави стоп на постојаната промена на дизајните. Причината беше практична – никој веќе не можеше да препознае кој е во болидот! Улогата ја одигра и онаа славна ЛЕД кацига на Себастијан Фетел во Сингапур 2012, која светеше како новогодишна елка и веднаш беше забранета.

Но дури и со ограничувањата, уметноста не исчезна. Хамилтон во Мексико, Фетел во Монако… сите наоѓаа начини да внесат нешто свое, дури и во мали нијанси.

До 2020 година забраната беше укината и од тој момент креативната експлозија не престана.

Себастијан Фетел со спорната кацига | Извор: https://www.formula1.com

Современата ера: боја, порака и душа

Денешните кациги се многу повеќе од визуелно разигрување. Тие се приказни. Хамилтон во 2023 носеше хром-кацига инспирирана од јапонскиот уметник Хајиме Сорајама. Валтери Ботас се појави со кацига во форма на сопствената глава. Алекс Албон често им оддава чест на своите миленици, фанови и на неговото тајландско наследство.

И оваа сезона виде сè – од смели артистички концепти до емотивни почести. Како онаа детска, шарена кацига што ја дизајнираше Теа, малата навивачка на Карлос Сајнц. Прво требаше да биде налепница, но по подиумот во Баку, тешко дека „Sparkles“ ќе го напушти шлемот на Шпанецот.

Но ниеден пример не ја доловува моќта на специјалната кацига како приказната на Ромен Грожан. Кога се врати во Хас за тестирање на Пирели, конечно ја носеше кацигата што неговите деца му ја дизајнираа за неговата последна трка во 2020, онаа во која никогаш не успеа да настапи по ужасот во Бахреин. Тоа беше момент што покажува дека кацигата може да биде повеќе од уметничко дело – може да биде исцелување.

Луис Хамилтон со специјалната кацига во Јапонија 2023 | Извор: https://www.formula1.com

Лас Вегас Гранд При

И оваа година Лас Вегас е една од патеките која инспирира најмногу промени во дизајните на болидите и кацигите. Џорџ Расел и Кими Антонели ќе возат во специјално дизајнирани кациги, а истото ќе го направи и Јуки Цунода во Рејсинг Булс. Мекларен ќе возат во кациги инспирирани од филмот „Wicked“, а Хамилтон и Леклер од Ферари ќе носат светкав дизајн.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено