Дербито помеѓу Леванте и Виљареал, кое требаше да се одигра денеска (недела) во рамките на шпанската Ла Лига, е официјално одложено. Шпанската фудбалска федерација (RFEF) ја донесе одлуката поради сериозното предупредување за екстремно лоши временски услови долж источниот брег на земјата.
Натпреварот беше закажан за 18:30 часот, но поради прогласениот Црвен Аларм за обилни врнежи од страна на шпанската метеоролошка агенција, судијата за натпреварувања при шпанската фудбалска феддерација одлучи да го суспендира мечот.
Приоритет е безбедноста
Одлуката за одложување на регионалното дерби беше донесена по проценка на ризикот и согласност меѓу сите главни инволвирани страни – Ла Лига, натпреварувачкиот судија и клубовите.
„Поради безбедносните препораки во врска со поројните дождови прогнозирани во регионот на Валенсија, и по предупредувањата за црвен аларм, судијата за натпреварувања при RFEF одлучи да го одложи натпреварот“, се вели во соопштението на Федерацијата.
Суровите метеоролошки услови оневозможуваат нормален развој на натпреварот на стадионот „Сиутат де Валенсија“ и, што е најважно, го спречуваат безбедното патување на илјадници навивачи, играчи и целиот персонал до и од стадионот.
Одложувањето на натпреварот е превентивна мерка, особено што минатата година, истиот регион беше погоден од смртоносни поплави во кои животот го загубија над 200 луѓе.
Засега нема нов официјален датум за одигрување на овој натпревар, а неговото презакажување може да биде предизвик поради набиениот распоред на двата тима.



