Францускиот прволигаш Стразбур го реши прашањето за шеф на стручниот штаб со ангажман на добро познато име од Премиер лигата. Гари О’Нил (42), поранешниот менаџер на Борнмут и Вулверхемптон, официјално е именуван за нов тренер на тимот од Алзас.
Англискиот стратег потпиша договор со важност до 30 јуни 2029 година. Ова е прв ангажман за О’Нил надвор од Островот, откако во декември доби отказ од клупата на „Волците“.
„BlueCo“ врската проработе
Ангажманот на О’Нил не е големо изненадување ако се земе предвид сопственичката структура. Стразбур е во сопственост на конзорциумот „BlueCo“, кој исто така го поседува и лондонскиот Челси. О’Нил важи за модерен тренер кој знае да работи со млади играчи, што совршено се вклопува во проектот на клубот.
„Возбуден сум што ќе почнам и горден сум што сум дел од овој фантастичен клуб. Стразбур има уникатна историја и неверојатна страст. Фокусиран сум на напорна работа со тимот за да дадеме сè за успех“, изјави О’Нил на промоцијата.
Претседателот на клубот, Марк Келер, го опиша О’Нил како „баран и признат тренер со модерен пристап кон фудбалот“.
Дебито закажано за в сабота
О’Нил нема многу време за адаптација. Тој веќе в четврток ќе го одржи првиот тренинг, а дебито на клупата ќе го има в сабота на натпреварот од Купот на Франција против Авранш.
Како тренер, тој има искуство од 88 натпревари во Премиер лигата, а како играч има запишано над 500 настапи во професионалниот фудбал во Англија.



