Раководството на ФК Вардар продолжува со мисијата за зачувување на костурот на тимот. По Кастањеда, уште еден стандарден првотимец стави потпис на нов договор, левиот бек Михаил Маневски останува во „црвено-црното“ семејство!
Клубот официјално потврди дека соработката е продолжена и дека 26-годишниот дефанзивец се обврзал на верност до јули 2028 година.
Квалитет за Вардар, но и за Македонија?
Маневски, кој пристигна во Вардар во јануари 2025 година, се покажа како полн погодок. Оваа сезона тој е незаменлив на левата страна, запишувајќи 16 настапи во Првата лига со дури 5 асистенции, што го прави еден од најпродуктивните дефанзивци во првенството.
Неговите константни игри не се изненадување за редовните читатели на SportStation. Уште во октомври анализиравме дека ПМФЛ има квалитет, а по Бојан Илиевски, време е за Маневски во репрезентацијата, посочувајќи го токму него како модерно решение кое заслужува повик во националниот дрес.
Со овој потег, Вардар покажува сериозност и стабилност, задржувајќи ги клучните играчи на долги патеки.



