Повредата на Езџан Алиоски отвори болна тема, но и вечна дебата во македонскиот фудбал: Има ли нашата Прва лига квалитет што може да понуди репрезентативни решенија? Скептиците веднаш ќе кажат “не”, велејќи дека мора да се гледа кон странство. Но, додека ние гледаме преку граница, можеби одговорот е во нашиот двор.
Пред да го отвориме четвртото издание на “Досие Спортска Станица”, да го срушиме митот. Се вика Бојан Илиевски. Десен бек, кој никогаш не заиграл надвор од Македонија, а веќе има 8 настапи за сениорите. Со секој нов натпревар, тој изгледа сè посигурно и докажува дека довербата во најдоброто од домашниот фудбал се исплати.
Ако тоа важи за десната страна, зошто да не важи и за левата? Време е да зборуваме за огледалната слика на Илиевски, Михаил Маневски.
За жал, ова е најновото видео од Маневски кое успеавме да го пронајдеме (старо речиси 3 години). Апелираме до менаџерите и клубовите да почнат повеќе да се занимаваат со ПР-от на фудбалерите и да ги следат модерните трендови за промоција на нивните квалитети.
Михаил Маневски не е решение од вчера. Тој со години е најконстантниот и најдоминантен лев бек во Првата македонска фудбалска лига. На 26 години, тој е во најдобрите фудбалски години, а оваа сезона е еден од столбовите на лидерот на табелата, Вардар.
Неговата игра не е само дефанзивна сигурност. Тој е модерен бек, чии бројки го потврдуваат неговиот придонес во нападот:
- Настапи во ПМФЛ: 10
- Асистенции: 3
Три асистенции на десет меча за дефанзивец е статистика која не смее да се игнорира. Тоа покажува дека Маневски не е само играч што ја врши работата, туку играч што прави разлика. Тој е двократен освојувач на Купот на Македонија, поминал низ сите младински репрезентативни категории и сега, како лидер во одбраната на најтрофејниот клуб, го достигна зенитот на својата кариера.
Приказната на Бојан Илиевски ни покажа дека квалитетот од ПМФЛ, кога ќе му се даде шанса, може и тоа како да одговори на репрезентативните предизвици. Михаил Маневски е следниот логичен чекор во тој процес. Тој не е само привремено решение поради повредата на Алиоски, тој е награда за континуитетот, доминацијата и квалитетот покажан во домашниот шампионат.
Несомнено е дека и Маневски и Илиевски наскоро ќе направат трансфер во поквалитетни лиги. Но, репрезентацијата не може да чека. Во ситуација на криза, кога ни е потребен играч кој е во натпреварувачки ритам, во врвна форма и игра во победнички тим, логиката налага погледот да се сврти кон него.
Нашата серија ги опфати Љупчо Дориев, Милан Илоски и Себастијан Херера, но можеби најважната лекција е дека понекогаш најдобрите решенија се оние кои ни се пред очи. Време е да веруваме во нашиот производ. Време е за Михаил Маневски.
Ве повикуваме да ни ги испраќате вашите предлози и мислења на нашата е-маил адреса contact@sportstation.mk или на социјалните мрежи.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



