Досие Спортска Станица (Е03): Кој по Алиоски? Колумбиецот со мак-пасош е решението!

Објавено:

Веста за тешката повреда на Езџан ‘Џани’ Алиоски одекна како бомба и ја зави македонската фудбалска јавност во црно. Во најлош можен момент, пред клучниот дуел со Велс, останавме без еден од нашите лидери. Но, несреќата на Џани, за жал, само го осветли проблемот кој тлее со години, можеби и цела деценија, Македонија нема вистинска алтернатива на левата бековска позиција.

Надежта за таа позиција беше Бојан Димоски. Тој покажа потенцијал, собра 20 настапи за сениорите, но по катастрофалната одлука да замине на позајмица во Партизан, неговата кариера и форма тргнаа во надолна линија.

И додека ние се прашуваме кој ќе го пополни местото на Алиоски, решението можеби е поблиску отколку што мислиме. Време е за третото издание на “Досие Спортска Станица”, кое поради виша сила, го посветуваме на Себастијан Херера Кардона.

За оние кои не го знаат, Херера е 30-годишен лев бек, роден во Колумбија, но со македонски пасош, кој го доби за време на неговиот петгодишен престој во Работнички. Тој е оженет со Македонка и никогаш не криел дека негов најголем сон е да го облече црвено-жолтиот дрес.

Но, ова не е приказна за патриотизам, туку за суров квалитет. Себастијан Херера оваа сезона не е само најдобриот лев бек во босанската Премиер лига, тој е еден од најдобрите играчи во целото првенство! Неговиот тим, Борац Бања Лука, е лидер на табелата, а Херера е еден од клучните играчи.

Неговите бројки се феноменални за дефанзивец:

  • Настапи во лигата: 10
  • Голови: 1
  • Асистенции: 5

На 10 натпревари, Херера има директен придонес во 6 гола! Тоа е статистика која покажува дека станува збор за модерен, офанзивен бек кој носи огромна разлика на теренот. Тој е во животна форма, игра со самодоверба и што е најважно – сака да игра за Македонија. Во повеќе наврати има изјавено дека би му претставувала огромна чест да го облече дресот на репрезентацијата.

Да, тој има 30 години. Но, во ситуација кога сме без нашиот најдобар играч на таа позиција, а неговата единствена алтернатива е надвор од форма, дали можеме да си дозволиме да игнорираме играч со ваков квалитет и желба? Формата е таа што треба да биде пресудна, а Херера ја има во изобилство.

Нашата серија “Досие Спортска Станица” започна со цел да ги истакне Љупчо Дориев и Милан Илоски, но повредата на Алиоски го прави случајот на Херера ургентен. Ова повеќе не е предлог, туку потреба. Време за чекање нема.


Ве повикуваме да ни ги испраќате вашите предлози и мислења на нашата е-маил адреса contact@sportstation.mk или на социјалните мрежи.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено