Она што со месеци се шпекулираше како „најлошо чуваната тајна во мотоспортот“ денеска доби официјална потврда: четирикратниот Ф1 шампион, Макс Верстапен, ќе дебитира на легендарната трка 24 часа Нирбургринг во 2026 година!
Но, најголемиот шок не е само неговото учество, туку автомобилот – Макс ќе управува со Mercedes-AMG GT3!
„Dream Team“ зад воланот на Мерцедес
Верстапен нема да биде сам во оваа авантура. Тој ќе биде дел од тимот Mercedes-AMG Team Verstappen Racing (поддржан од Winward Racing), а негови тимски колеги ќе бидат вистински асови на издржливоста: Лукас Ауер, Жил Гунон и Даниел Јункадела.
Интересно е што Макс ќе го носи својот препознатлив број #3 од Формула 1, а тимот има директна поддршка и од Ред Бул и од Мерцедес-АМГ Моторспорт.

Професионална подготовка: Без „врски“ до лиценца
Иако е светски шампион, Верстапен мораше да го помине целиот ригорозен процес за добивање на специјалната лиценца за „Нордшлајфе“.
„Нирбургринг е посебно место. Не постои друга патека како неа. Оваа трка ми беше на листата со желби одамна и пресреќен сум што конечно ќе се реализира“, изјави Верстапен, кој веќе победи на една трка од НЛС серијата минатата година како дел од подготовките.
Директорот на трката, Валтер Хорнунг, нагласи дека Макс не добил никаков посебен третман и дека неговиот пристап бил неверојатно професионален, од симулатори до е-учење и реални тест-трки.
Портокалова инвазија на Нирбургринг
Организаторите веќе се подготвуваат за огромниот број фанови на Макс. Најавено е дека наскоро ќе биде објавена специјална понуда за билети за „Oranje“ навивачите, кои се очекува да ја преплават патеката во Германија.
Пред главната трка од 24 часа, Верстапен ќе настапи и на NLS2 трката за дополнително да го усоврши своето познавање на „Зелениот пекол“.



