Охрид мисли на Европа, Вардар гази кон титулата во Суперлигата!

 

Објавено:

Натпреварот кој требаше да биде големо дерби во 3. коло од плеј-офот на ракометната Суперлига, се претвори во полесен тренинг за Вардар 1961. Лидерот на табелата славеше со убедливи 31:21 (17:12) против тимот на ГРК Охрид, кој во СЦ „Јане Сандански“ допатува со комбиниран, претежно младински состав.

Причината за ваквата одлука на гостите е јасна, тренерот Борис Ројевиќ и клучните првотимци останаа во Охрид за да се подготвуваат за историскиот реванш натпревар од четвртфиналето на ЕХФ Купот против грчки Олимпијакос, каде охриѓани бранат предност од пет гола.

Добро отворање на гостите, пред Вардар да додаде гас

И покрај тоа што настапија со вториот тим (предводени од Наум Бабачев од клупата), охриѓани одиграа храбро во воведните 15-тина минути. Преку Савревски и Ристески дури и поведоа со 3:5, а потоа имаа и 5:7.

Сепак, класата брзо си го направи своето. Вардар казни неколку технички грешки на неискусните гости и со серија од 5-0 (Георгиевски, Да Силва, Боно, Стојановски и Лазаревски) го сврте резултатот на 10:7. Оттогаш, контролата целосно премина на страната на „црвено-црните“, кои на полувреме заминаа со предност од 17:12.

Сите се запишаа во листата на стрелци

Во второто полувреме, Иван Чупиќ реши да им даде шанса на сите играчи од клупата. Предноста рутински се зголемуваше, а интересно е што сите ракометари на Вардар (освен голманите Гогов и Еспиња) успеаја да се запишат во листата на стрелци. Натпреварот заврши со максимални +10 (31:21).

Најефикасен во победничкиот табор беше Урош Митровиќ со 6 гола, додека Дмитро Хориха додаде 4. Кај Охрид, најмногу се истакна Дејан Кукуловски со 6 погодоци.

Со оваа победа, Вардар 1961 (48 бодови) цврсто чекори кон титулата, задржувајќи ја предноста од шест бода пред второпласираниот Еурофарм Пелистер и осум бода пред Охрид.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено