Охридската „колонија“ се шири – Хрватот што ја „зацрни“ Македонија доаѓа на езерото?

Објавено:

Иако зимскиот преоден рок е во полн ек, „гладијаторите“ од Охрид изгледа веќе го кројат тимот за следната сезона. Низ ракометните кулоари сè погласно се зборува дека ГРК Охрид е пред финализирање на уште еден сериозен трансфер, овојпат на голманската позиција.

Станува збор за Дино Славиќ, актуелниот чувар на мрежата на францускиот Лимож и хрватски репрезентативец.

Импресионираше против Македонија, заврши во бележникот на Охрид?

Тајмингот на овие шпекулации не е случаен. Славиќ пред само десетина дена имаше фантастичен настап на „Кроација Купот“ во Пореч, токму против репрезентацијата на Македонија. Тој собра 15тина интервенции, практично сам ја победи нашата селекција и си обезбеди место во хрватскиот тим за претстојното Европско првенство.

Информациите велат дека преговорите се во напредна фаза, а планот е 33-годишниот голман да пристигне во Охрид на лето 2026 година и да остане најмалку две сезони.

Искуство од Лига на Шампиони

Ако се реализира овој трансфер, Охрид ќе добие голман со сериозно педигре. Славиќ, покрај во Лимож, има брането и за ППД Загреб во Лигата на шампионите, како и за шпанскиот Адемар Леон.

Со ова, „хрватската колонија“ во Охрид би се зголемила дополнително. Во тимот веќе се (или ќе бидат) Кристијан Пилиповиќ (кој настапува за Австрија, но е со хрватско потекло), Ловро Јотиќ, а најавено е и доаѓањето на Анте Иванковиќ.

Дали Охрид ќе го има најсилниот голмански тандем во лигата со Пилиповиќ и Славиќ, останува да видиме, но амбициите на клубот очигледно се многу повисоки од само пласман во Европа.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено