Битола отсекогаш била град со посебен шмек. Градот на конзулите, град кој негувал посебен респект и огромна љубов кон спортот, но и почит кон противникот. Битолската спортска публика важеше за една од најстручните во државата. Но, што се случува со Битола денес? Што се случува со Македонија?
Во последниве години, сведоци сме на една мачна, токсична и злобна атмосфера која како темен облак се надвисна над битолскиот спорт и навивачкиот фолклор. Наместо вистинско спортско надмудрување, гледаме сеење омраза и поделби кои удираат во самите темели на државата. Време е работите да се наречат со вистинското име и сите да се погледнеме во очи.
Пари има, но каде е битолската школа?
Ајде да зборуваме со факти. Битола денес има пари! ФК Пелистер, КК Пелистер и РК Пелистер имаат сериозна финансиска поддршка. Но, каде се резултатите? Зошто раководните структури и навивачките групи со децении го кријат катастрофалното работење во фудбалскиот клуб, кое сега почнува да се пресликува и во кошарката и ракометот?
ФК Пелистер не губи титули поради некакви си „скопски политички игри“! ФК Пелистер е на работ да испадне во Втората лига! Кога конечно ќе погледнат во себеси? Од кога Пелистер нема извадено врвен фудбалски репрезентативец? Каде исчезна таа легендарна битолска фудбалска школа? Најлесно е вината да се бара во Скопје или во политиката, заборавајќи дека токму на нивната локална сцена се случуваат истите политички игри како и во целата република.
Лекција по лојалност: Како вистинските навивачи го спасуваа Вардар
Кога Вардар тонеше во Втората лига, доведен до просјачки стап од минати раководства, Комитите и искрените навивачи не бараа изговори во Пелистер или во Битола. Илјадници навивачи вадеа од својот џеб кој стотка, кој илјадарка, за да им се платат плати на фудбалери кои со гордост се бореа по селски игралишта, во Маџари, во Автокоманда… Тоа е столбот на еден клуб!
Тие вистински навивачи се разликата помеѓу лојалноста и политичките профитери. Денес во Вардар доаѓаат разни „Миленковци“, пустошат, прават квази-успеси и си одат. Но Вардар сè надминал и ќе надмине. Вистинските навивачи, кои сега се во помал број на фудбалскиот стадион поради револтот кон таквите ликови (но затоа го полнат Јане Сандански за РК Вардар), повторно ќе се вратат таму каде што им е местото. Затоа што тие гледаат во својот двор, наместо да шират омраза кон туѓиот.
Лажниот морал и хистеријата околу една навивачка песна
Да се осврнеме и на хистеријата што ја преплави јавноста деновиве. Новинари, политички задоеници и разни дежурни моралисти се потепаа да објаснуваат како една стара навивачка песна за Каролина Гочева била „шовинизам и мизогинија“. Доста правите „драма и црнила“ од сè!
Навивачите се суп-културата на еден град, тие се двигатели на слободната мисла. Оваа песна е постара од социјалните мрежи и од Јутјуб, таа е дел од еден сиров, навивачки хумор кој на старите и вистински спортски фанови никогаш не им пречел. Па и самата Каролина, како вистинска еснаф-Битолчанка (по скопски кажано), веројатно се смее на целата оваа апсурдна фама.
Огледајте се на Германија или Англија! Таму е гордост и чест да си навивач. Сезонските билети се предаваат од дедо на внук. Зошто кај нас се дозволува политичките чинители да ја угасат слободната мисла скриена зад навивачката култура, етикетирајќи ги навивачите со најпогрдни имиња? Навивачите се последниот бастион против комплетното поробување на општеството. Без навивачи нема спорт, а без спорт – нема ништо.
Хронологија на вистинската токсичност: Од Манасков до повици за сепаратизам
Проблемот не е во пеењето песни. Проблемот е во реалната, физичка и психолошка токсичност која се вкоренува во и околу битолскиот спорт. Ова не почна вчера.
Сè е поврзано. Да се потсетиме на декември 2025 година и скандалот со Дејан Манасков. Кога Кире Лазаров се обиде да му подаде рака и да го смири, Манасков ја одби, со што само докажа дека одлуката со години да не биде повикуван во репрезентацијата била потполно исправна. Такво однесување не доликува на искусен репрезентативец.
Потоа, тука се навивачките инциденти кои ја преминуваат границата на здравиот разум. Апелот на Чкембарите репрезентацијата никогаш повеќе да не игра во Битола само затоа што Комити залепиле налепници на столчињата? Или уште пострашно, априлскиот инцидент (2026 г.) кога Чкембари каменуваа минибус со обични навивачи од Охрид на патот Прилеп-Ресен, гордо фалејќи се: „Баравте проблем, добивте“.
Но, вистинското дно беше допрено денес. Официјалната страница на навивачката група „Чкембари Битола“ објави скандалозен статус кој директно повикува на сепаратизам и шири незамислив говор на омраза: „…ДА ЖИВЕЕ НЕЗАВИСНА БИТОЛА… ДА ГО Е**М ЦЕЛО СКОПЈЕ И ВАШАТА ДРЖАВА!“*.
Кога спортското ривалство ќе се претвори во небулози за одвојување и пцуење на сопствената држава, тоа веќе е сериозна патологија. Дел од коментарите под објавата дополнително горат од гнасни лични навреди, но за среќа, има и гласови на разумот. Вистинските вљубеници во спортот, па дури и самите битолчани, возвраќаат со пораки како: „За обична игра со една топка да се дели македонскиот народ не бива… Најважно од сè е опстојот на Македонија!“ и „Не паѓајте на нивно ниво… оставете ги, народот ќе им суди за глупоста.“
Ова не е Битола! Ова не се конзулите кои го разбираат фудбалот и ракометот подобро од сите. Фудбалот, Спортот не смее да биде алатка за кинење на македонското ткиво!
Упатуваме искрен апел до вистинските фанови на спортот во Битола, но и до институциите! Седнете, поразговарајте и најдете ја причината за ова дивјачко, неспортско и токсично влијание. На Пелистер му треба силен Вардар, исто колку што на Вардар му треба силен Пелистер. Но, ни требаат со вистинско спортско ривалство, со натпевање и надмудрување, а не со каменување, сепаратизам и слепа омраза.



