13.8 C
Skopje

„Овие играчи се ФЕНОМЕНИ! Се чудам како играат вака без минутажа во клубовите!“

Објавено:

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, го објави списокот на играчи за претстојниот пријателски натпревар против Летонија (13.11) и клучниот квалификациски дуел за СП 2026 против Велс (18.11).

Но, во фокусот на денешната прес-конференција не беше толку списокот, колку една моќна изјава на селекторот, која е истовремено најголема можна пофалба за репрезентативците, но и брутално искрена критика за нивниот статус во клубовите.

„Играчи-феномени“

Милевски без влакна на јазикот призна дека е загрижен што мал дел од неговите фудбалери имаат континуитет во своите тимови, наведувајќи дека „само 4-5 играчи се со стандардна минутажа“.

Сепак, тој веднаш застана во одбрана на групата која ја предводи, нарекувајќи ги „феномени“ поради начинот на кој играат кога ќе го облечат националниот дрес, и покрај недостатокот на натпреварувачки ритам. „Без разлика на формата во клубовите и минутажата, не сум задоволен… Но, не можам да им замерам ништо бидејќи тие истите играат во серија од 14 натпревари без пораз на официјални натпревари“, изјави Милевски.

„За мене овие играчи се феномени! Да дојдете да играте за Македонија без минутажа и така да се прикажувате, тоа е за секој почит. Статусот секој си го заслужил… Многу пати се чудам како играат на тој начин за Македонија“.

Списокот без Алиоски, но со тројца повратници

Како што истакна селекторот, списокот е речиси идентичен со оној од октомврискиот собир. Во тимот се враќаат Бојан Димоски, Кристијан Трапановски и Лирим Ќамили.

Најголем недостаток ќе биде отсуството на суспендираниот Езѓан Алиоски.

„Жал ми е што ќе недостига Алиоски, тој е важен за нас, но ова е шанса за другите да се наметнат и да покажат дека со право се во репрезентацијата“.

Летонија за ротација, Велс за победа – без калкулации!

Милевски беше јасен за планот за овие два меча. Пријателскиот дуел со Летонија ќе послужи како подготовка, но и како шанса за играчите со помала минутажа да се докажат. Селекторот истакна дека иако „не би го одбрал“ овој меч, тој е важен поради обврските кон УЕФА и за ФИФА ранкинг бодовите.

За клучниот дуел во Кардиф против Велс, каде Македонија ја брани втората позиција, пораката е јасна:

„Против Велс одиме со ист пристап, без калкулации, со желба за победа и докажување дека Македонија со право е меѓу најконкурентните во баражот за Мундијал. Одиме во Кардиф да уживаме во фудбалот и пак да се докажуваме“.

Собирот на репрезентацијата е закажан за 10 ноември.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено