По заминувањето на претседателот Гравина и легендарниот Буфон, денеска беше официјализиран и третиот голем удар за италијанскиот фудбал. Џенаро Гатузо повеќе не е селектор на „Азурите“. По неуспехот да ја однесе Италија на Светското првенство во 2026 година, Гатузо и федерацијата (FIGC) спогодбено го раскинаа договорот.
Италија во Зеница го доживеа најголемиот срам во својата историја, станувајќи првиот светски првак кој пропуштил три Мундијали по ред.
Емотивно збогување: „Дресот на Италија е најскапоценото нешто“
Популарниот „Рино“, кој беше назначен за селектор во летото 2025 година како замена за Лучијано Спалети, се обрати до јавноста со емотивна порака на официјалниот сајт на федерацијата.
„Со тешко срце, откако не ја остваривме целта што ја зацртавме, сметам дека моето време како тренер на националниот тим е завршено. Синиот дрес е најскапоценото нешто во фудбалот, затоа е правилно да се олесни патот за нова техничка евалуација. Беше чест да ја водам репрезентацијата“, изјави Гатузо.
Тој им се заблагодари на навивачите за поддршката и на играчите за посветеноста, иако резултатот на теренот беше поразителен.

Патот до „апокалипсата“ во Зеница
Мандатот на Гатузо беше краток и болен. Италија не успеа да се квалификува директно по групата во која Норвешка заврши како првопласирана. Во баражот, по победата над Северна Ирска, следеше кобниот дуел со Босна и Херцеговина. Иако „Азурите“ водеа, црвениот картон на Бастони ги промени нештата, а пенал-рулетот (4-1) дефинитивно ги запечати нивните мундијалски соништа.
Крај на една ера за светскиот првак од 2006
Интересен и тажен факт е што Гатузо беше дел од златната генерација која го освои Мундијалот во 2006 година, што воедно останува и последен пат кога Италија ја помина групната фаза на едно Светско првенство. Оттогаш, следеа две елиминации во групи (2010 и 2014) и три болни отсуства (2018, 2022 и 2026).
Италија сега е во позиција на „нула“. Без претседател, без шеф на делегација и без селектор, четирикратниот светски првак мора да започне со целосна реконструкција од темел.



