Попладнево во Лисабон се одржа ждрепката за квалификациите за Европското ракометно првенство во 2028 година, кое заеднички ќе го организираат Шпанија, Португалија и Швајцарија. Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, ги дозна противниците на патот кон нов настап на континенталниот собир.

Фаворит, незгоден сосед и аутсајдер
Македонија беше извлечена од вториот шешир и се најде во Групата 8. Нашиот најсилен противник од првиот шешир ќе биде европскиот гигант Шведска, со кој не очекуваат пеколно тешки натпревари. Од третиот шешир го добивме јужниот сосед Грција, репрезентација која покажа сериозен напредок во последните години и која сигурно ќе биде крајно незгоден ривал, особено на гостувањето. Од последниот шешир ја извлековме селекцијата на Луксембург, против која Македонија има апсолутна фаворитска улога и каде не смее да се дозволи никакво изненадување.
Систем на квалификации
Квалификацискиот циклус започнува во ноември оваа година, а ќе заврши со натпреварите во март и мај 2027 година. Пласман на Европското првенство 2028 ќе обезбедат првопласираните и второпласираните репрезентации од сите осум групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции (при рангирањето нема да се сметаат бодовите освоени против последнопласираната репрезентација во групата).
Директен пласман на шампионатот веќе имаат обезбедено трите земји-домаќини (Шпанија, Португалија и Швајцарија), како и актуелниот европски првак, селекцијата на Данска.
Пред стартот на овие квалификации, ракометарите на Кирил Лазаров ги очекува уште еден голем предизвик – бараж двомечот против Словачка за пласман на Светското првенство во 2027 година.



