Партизан „изгоре“ во Истанбул: Ефес по продолжение ја прекина победничката низа на „црно-белите“!

 

Објавено:

Последните два натпревари од 36-то коло во Евролигата донесоа големи возбудувања, но и горчлив вкус за навивачите на Партизан. Избраниците на Жоан Пењароја беа на чекор до седмата последователна победа, но на крајот потклекнаа пред Анадолу Ефес по дополнителни пет минути игра.

Партизан испушти двоцифрена предност во Истанбул

Партизан допатува во Турција со огромна самодоверба по серијата од шест триумфи, а почетокот на натпреварот најавуваше продолжување на низата. По израмнетата прва четвртина, „црно-белите“ одиграа фуриозна втора четвртина. Со неверојатна серија од 2-17, српскиот тим го презеде водството и замина на одмор со убедливи 24-36.

Сепак, Анадолу Ефес, иако сезонава е далеку од својата препознатлива форма, одби да се предаде. Домаќините малку по малку ја топеа предноста на Партизан, за во самиот финиш да влезат во егал-завршница. Карлик Џонс беше смирен од линијата за слободни фрлања на 4,3 секунди пред крајот, принудувајќи продолжение (68-68). Во дополнителните пет минути, Ефес имаше повеќе свежина и концентрација, славејќи со конечни 79-72.

Џордан Лојд со 24 поени беше кобен за одбраната на Партизан, додека Винсент Поирие додаде 17. Кај „црно-белите“, Шејк Милтон постигна 12 поени, а Стерлинг Браун и Карлик Џонс завршија со по 11 поени. Овој пораз (15-21) е болен удар за Партизан во борбата за што подобра позиција пред финишот на регуларниот дел.

Монако подобар од АСВЕЛ во француското дерби

Во вториот натпревар од вечерта, Монако ја потврди својата доминација во француското дерби, совладувајќи го АСВЕЛ со 81-76. Тимот на Маркоишвили имаше контрола во поголемиот дел од мечот, водејќи со десет разлика на полувремето (46-36).

Иако АСВЕЛ во финишот се доближи на само два поени негатива (76-74), Ели Окобо со клучна тројка го реши победникот. Токму Окобо беше на прагот на трипл-дабл со 16 поени, 10 скока и 8 асистенции, додека Метју Стразел беше најефикасен со 22 поени. Никола Миротиќ додаде 14 во деветтата последователна победа на Монако над овој ривал. АСВЕЛ останува на дното на табелата со скор 8-28.



Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено