По доминацијата на Кол де ла Лоз, Тадеј Погачар е сè поблиску до својата четврта титула на Тур де Франс. Но, како што се приближува крајот, Словенецот не крие дека му е преку глава од тринеделниот хаос.
“Има моменти кога си велам – зошто уште сум тука? Предолго е, броиш километри до Париз и само сакаш да заврши”, изјави Погачар по 18-та етапа. “Сакам да правам и други убави работи во животот”.
Но, и покрај тоа што е изморен, не заборава да го цени секој ден на трката.
“Пробувам да уживам на велосипедизмот. Тешко е, но навивачите многу помагаат. Кога ќе видиш луѓе на големите искачувања како навиваат, добиваш нова мотивација. Тогаш си велиш – добро е, вреди да си тука”.

Погачар во моментов води со 4 минути и 26 секунди пред Јонас Вингегард, а до крајот остануваат уште три дена. Погачар веќе има четири етапни победи (Руан, Мур-де-Бретањ, Отакам и Пеирагид) и има шанса да стигне до уште една на финалето во Париз кое оваа година завршува на Монмартр.
Во 18-та етапа се обиде да ја освои Кол де ла Лоз, но нападите од тимот Висма на Кол де ла Мадлен ги расипаа тактиките на Емиратес. На крајот заврши втор, веднаш зад победникот Бен О’Конор.
“Сакав да победам, но поважно е да ја зачувам жолтата маица. Среќен сум, дури и ја зголемив предноста. Честитки за Бен и за Џејко, извозеа одлично. Ако денот тргне во друг правец, мораш да прифатиш. Но со тоа како ние возевме, ова ми е како победа”, рече Погачар.
Преостануваат уште две важни етапи, планинска на Ла Плани и спектакуларна на Монмартр. Но очигледно е, Тадеј веќе мисли на дома.



