Ракометната федерација на Македонија (РФМ) подготвува вистинско спортско уживање за сите љубители на ракометот. Овој 17 мај, платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе биде центарот на случувањата, каде за првпат во нашата држава ќе се организира и одбележи „Националниот ден на ракометот“.
Програмата започнува уште во 13:00 часот, со специјално организирана фан-зона. Сите посетители ги очекува мини ракометен турнир, многу музика, забава, изненадувања и подароци за сите генерации. Ова е одлична можност за фановите да се соберат, да се дружат и да ја загреат атмосферата пред главниот настан.
Круна на денот ќе биде исклучително важниот квалификациски натпревар за пласман на Светското првенство во 2027 година, во кој нашата машка сениорска репрезентација ќе ги одмери силите со селекцијата на Словачка. Натпреварот е закажан за 19:00 часот, а поддршката од трибините отсекогаш била осмиот играч на нашиот национален тим.
Ве повикуваме во што поголем број да бидете дел од овој настан. Билетите за натпреварот се веќе пуштени во продажба и истите можете да ги набавите онлајн преку продажните мрежи на MKTickets и Karti.com.mk.
Да се собереме пред СЦ „Борис Трајковски“, да уживаме во ракометот и заеднички да ги бодриме нашите репрезентативци кон нов спортски успех!



