Македонскиот шампион Вардар е пред пеколно тешка задача во финскиот град Куопио. Откако минатата недела во Скопје се сопнаа од реалноста и доживеаја болен шамар (0-2) од физички супериорниот КуПС, „црвено-црните“ сега ќе мора да бркаат чудо во реваншот од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите.
Како што предупредивме по првиот натпревар, маркетиншките паради и луксузните подготовки во Италија против нисколигаши не го подготвија тимот за вистинска европска битка. Сега, Вардарци се соочуваат со нов, двоен шок во Скандинавија.
Температурен шок и вештачка подлога
Ако во Скопје играа на над 35 степени, фудбалерите на Вардар синоќа го одржаа официјалниот тренинг на „Варе Арена“ на студени 15 степени. Разликата во климата е драстична, но она што може да претставува уште поголем проблем е подлогата. Стадионот во Куопио има вештачка трева, нешто на што нашиот шампион не е навикнат и што дополнително ќе ја отежне играта на тимот кој и онака покажа сериозни недостатоци во физичката подготвеност.
Фабијани: Не смееме да бркаме резултат безглаво и очајнички
Шефот на стручниот штаб, Кристијан Фабијани, е свесен за тешката ситуација, но бара од своите избраници да не подлегнуваат на притисокот. За овој натпревар, тој нема да може да смета на Торес, како и на Немања Босанчиќ, кој на првиот меч во Скопје влезе од клупата и експресно заработи црвен картон.
„Најважно е да го промениме менталитетот. Во Скопје игравме добро до тој несреќен момент пред крајот на полувремето. КуПС е во натпреварувачки ритам и тоа е нивна голема предност, но ние нема да влеземе очајнички и безглаво да бркаме резултат. Сакам организиран Вардар, ред, дисциплина и планска игра. Отсуството на Босанчиќ и Торес не смее да биде алиби. Секој што го носи дресот на Вардар мора да даде максимум, овде нема прва и втора екипа“, изјави Фабијани пред клучниот дуел.

Финците спремни за славје: Се очекува полн стадион
Од другата страна, финскиот шампион дише мирно, но не потценувачки. Тренерот Мика Нуутинен знае дека Вардар нема што да загуби и мора да тргне во напад.
„Подготвени сме да ја завршиме работата на домашен терен. Резултатот од Скопје значи дека Вардар ќе мора да напаѓа, па очекувам многу поотворен натпревар. Фудбалот носи изненадувања, затоа мора да бидеме подготвени на сè,“ истакна Нуутинен.
Интересот во Куопио е огромен, бидејќи ова е историски меч за нив во квалификациите за елитното натпреварување. Според најавите, централните трибини се веќе распродадени, а се очекува стадионот да биде исполнет до последното место.
Натпреварот се игра во вторник со почеток од 17:00 часот, а правдата ќе ја дели судиска тројка од Шкотска. Директниот пренос е обезбеден на Арена Спорт Македонија. Останува да видиме дали Вардар има сили да се издигне од пепелта или европскиот пат ќе продолжи во утешната Конференциска лига, каде најверојатно ги чека летонска Рига.



