Враќањето на македонскиот шампион во елитата требаше да биде вистински фудбалски фестивал во главниот град. Наместо тоа, натпреварот во Лигата на шампионите се претвори во болна рефлексија на политиката која со години го гуши клубот. Народот и навивачите недвосмислено покажаа дека го сакаат Вардар, но за жал, политиката го сака уште повеќе, а крајниот резултат од тој токсичен спој го видовме вечерва. Нашиот претставник доживеа сигурен пораз од финскиот КуПС со 0-2 на домашен терен.
Навивачите си го одработија своето, управата и тимот потфрлија
Во пресрет на натпреварот, ние во Спортска Станица упативме повик до сите вистински љубители на фудбалот: оставете ги настрана директорот Миленко и раководството, тие не се Вардар. Вардар е наш, и момците на теренот ја заслужуваат нашата поддршка за симболични 200 денари колку што чинеше билетот. Верните Комити дури и обезбедуваа билети за оние кои не можеа да си дозволат.
И навистина, пред околу 4.000 гледачи на Градскиот стадион, публиката го даде својот максимум. Но, она што го видовме на зелениот терен беше тим кој делуваше како штотуку да се вратил од одмор, а не тим кој е подготвен за фудбалска војна.
🔴⚫️ Навивачите го сакаат Вардар, но за жал го сака и политиката pic.twitter.com/nOlyKQxpOq
— sportstation (@sportskastanica) July 7, 2026
Реалноста удри силно: Финците физички супериорни
Тренерот Кристијан Фабијани на теренот го испрати костурот од ланскиот шампионски тим, надополнет со новото засилување Мигел Пиреш во стартната постава. Почетокот ветуваше – Закариќ се најде во конкретна шанса, но гостинскиот голман Креидл беше на висината на задачата. Финците брзо вратија преку Енгвал, чиј удар беше одбранет од Талески, а потоа Матиќ спасуваше чист гол од самата гол-линија.
И потоа, Вардар едноставно згасна. Пред самиот крај на првото полувреме, Антви нафрли од корнер, а Магаса остана целосно осамен на втората статива и со глава лесно донесе предност за КуПС од 0-1.
Студениот туш продолжи веднаш на стартот од вториот дел. Во 49. минута, Боб Нил Армах си создаде простор на левата страна и со силен удар по земја ја затресе мрежата за 0-2. Измените на Фабијани (во игра влегоа Герсон Родригеш, Михаил Маневски, Немања Босанчиќ и Димитар Данев) не донесоа конкретна промена. Најдобрата шанса за враќање во живот ја пропушти Бобан Николов во 73. минута кога ја погоди само рамката од голот.
Финците рутински ја задржаа предноста, а очајот на „црвено-црните“ кулминираше кога резервистот Немања Босанчиќ заработи исклучување по два жолти картони.

„Чаламот“ за Инстаграм си дојде на наплата
Ние предупредивме на време. Додека раководството се фалеше со скапите италијански подготовки во Норчија, вечерите во ресторани со Мишелин ѕвезди и тим-билдинг рафтингот, спортскиот сектор спиеше. Наместо да се соочат со силни европски противници кои ќе ги детектираат маните на тимот, Вардар во Италија играше против локалниот нисколигаш ASD Norcia 480 (кој го победија со 12-0) и претставникот на Сан Марино, S.P. La Fiorita (реми 1-1).
Ова е класичен доказ дека маркетингот и собирањето лајкови не можат да го заменат вистинскиот, крвав тренинг процес на теренот. Огромните пари фрлени за луксуз можеа да се искористат за квалитетно засилување, додека екипата мирно ќе се подготвуваше во Охрид или Дојран и ќе играше против сериозни балкански екипи.
Има ли надеж за реваншот?
Реваншот се игра за седум дена во далечниот Куопио. Вардар го чека пеколно тешка задача со бркање негатива од два гола против цврст тим, и тоа на терен со вештачка подлога. Доколку успеат да направат чудо, следен противник им е Сабах (Азербејџан) или ТНС (Велс).
Но, доколку овој пораз значи преселба во Конференциската лига, таму веројатно ги чека летонска Рига, екипа која на првиот меч загуби од Арарат со 0-2.
Едно е јасно: Вардар е на навивачите. Но, за да гледаме вистински европски фудбал, на клубот му треба сериозен спортски проект, а не политичко-маркетиншка парада.



