Нашата уредничка политика во Спортска Станица е секогаш да бидеме трпеливи, да не избрзуваме со критики и да го почекаме конечниот исход на теренот. Искрено се надеваме дека ФК Вардар успешно ќе го мине финскиот шампион КуПС Куопио во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, но едноставно не можеме да ги игнорираме случувањата од нивниот подготвителен камп.
Анализирајќи ги објавите на социјалните мрежи, се добива впечаток дека огромната сума на пари потрошена за подготовки во Италија служи повеќе за „чалам“ и собирање лајкови на Инстаграм, отколку за сериозно темпирање на формата.
Мишелин ѕвезди, рафтинг и аматерски противници
Според објавите на директорот, тимот ужива во убавините на Норчија, се фали со ресторани со Мишелин ѕвезди и воздушни бањи каде што наводно се подготвувале екипи како Рома и Челзи. На официјалните профили на клубот гледаме и тим-билдинг активности како рафтинг.
Сето ова би било одлично, доколку фудбалскиот аспект не изгледаше целосно несериозно за тим кој се подготвува за елитно европско натпреварување. Вистината е дека пријателските противници кои ги најдоа во Италија се комплетни аматери. Победата од 12-0 против локалниот нисколигаш ASD Norcia 480 и ремито од 1-1 против претставникот на Сан Марино, S.P. La Fiorita, тешко дека можат да дадат реална слика за формата на тимот пред историскиот двомеч.
Охрид, Дојран и вистинските приоритети
Нашето скромно мислење е дека раководството на Вардар можеше многу попаметно да ги инвестира овие средства. Огромната сума потрошена за луксуз во Италија веројатно можеше да покрие плата на еден од најдобрите играчи во нашата лига за цела година, со што тимот би добил вистинско, квалитетно засилување.
Доколку подготовките се одработеа во Охрид или Дојран, трошоците ќе беа драстично помали, а спортскиот сектор речиси сигурно ќе најдеше многу посилни и посериозни спаринг-партнери од околните балкански земји.
Останува да видиме дали овој италијански „туризам“ ќе вроди со плод на 7 јули во Скопје. Од срце посакуваме да грешиме и „црвено-црните“ да нѐ демантираат со победа!



