Брентфорд 0-1 Манчестер Сити: Халанд пак убиствен, Родри пак повреден – Сити се враќа во трката
Ерлинг Халанд повторно е на насловните откако со својот деветти гол сезонава, Норвежанецот ја донесе победата на Манчестер Сити со 1–0 над Брентфорд. Голот дојде уште во 9-та минута, кога Халанд со моќ и прецизност ги остави дефанзивците зад себе и ладнокрвно реализираше.
“Ова е еден од моите подобри голови”, изјави Халанд по мечот, признавајќи дека се чувствува во најдобра форма во кариерата.
Сепак, радоста беше скратена со новата повреда на Родри, кој ја напушти играта уште во првото полувреме. “Се надеваме дека не е нешто сериозно”, рече Пеп Гвардиола, кој стигна до својата 250-та победа во Премиер лигата.
Со овој триумф, Сити скокна на петтата позиција и е само три бода зад лидерот Арсенал.
Евертон 2-1 Кристал Палас: Евертон ја прекина серијата на Палас – прв гол на Грилиш
Драма на “Хил Дикинсон Стадион”! Џек Грилиш постигна гол во судиското продолжение и му донесе големо славје на Евертон со 2–1 над Кристал Палас, со што ја прекинаа неверојатната низа на 19 натпревари без пораз на “орлите”.
Палас поведе преку Даниел Муњоз во 37-та минута и имаше бројни шанси да ја затвори приказната, но Јордан Пикфорд со серија одбрани го одржа Евертон во игра. Израмнувањето стигна во 76-та минута преку пеналот на Илиман Ендиаје, за потоа Грилиш со многу среќа да ја донесе конечната радост.
Со оваа победа, тимот на Дејвид Мојс се искачи на осмото место, само бод зад Палас.
Њукасл Јунајтед 2-0 Нотингем Форест: Њукасл на крилјата на Гимараеш и Волтемаде
По бледото прво полувреме, “страчките” експлодираа во вториот дел. Бруно Гимараеш со прекрасен удар од далечина ја отвори мрежата на Нотингем Форест, а Ник Волтемаде во 84-та минута реализираше пенал за конечни 2–0.
Ова беше само втора првенствена победа сезонава за Њукасл, кој се искачи на 11-то место. Форест, пак, останува во опасна зона со нов пораз и само седум освоени бода, а неизвесна е судбината и на новиот тренер, кој досега има исклучително негативен скор во сите натпреварувања.
Астон Вила 2-1 Барнли: Два гола на Мален за триумф во Вила Парк
Дониел Малeн постигна два гола за редовна победа на Вила. Иако Барнли намали преку Угочукву, тимот на Емери остана смирен и стигна до трите бода.
Вулвс 1-1 Брајтон: Вулвс остануваат без победа
Тимот на Витор Переира и натаму без победа. Иако “волците” водеа со автоголот на Вербруген, на крајот беа казнети со голот на Ван Хеке во 86-та минута. Переира беше исклучен уште во првото полувреме.