Изборите за претседател на Реал Мадрид, први по далечната 2006 година, се претворија во вистинско реално шоу и една од најнадреалните кампањи во спортската историја. Околу 100.000 членови (socios) на клубот во недела ќе излезат на гласање, а актуелниот претседател Флорентино Перез (79) реши да го фрли својот најсилен адут на масата. Гостувајќи во популарната шпанска емисија „Horizonte“, Перез шокантно објави дека веќе следниот вторник, доколку победи на изборите, ќе испрати понуда од најмалку 150 милиони евра за купување на „мистериозен“ фудбалер кој ќе биде најскапиот потпис во историјата на клубот.
Игра на криенка: Кој е тајниот трансфер кој не доаѓа од Премиер лигата?
Со оваа најава, Перез планира експресно да го урне досегашниот клупски рекорд кој изнесуваше 127 милиони евра за Џуд Белингем. Водителот Икер Хименез се обиде да извлече одговор од претседателот, а Перез понуди само неколку клучни траги. Тој потврди дека играчот не настапува во Премиер лигата, со што автоматски ги отфрли шпекулациите за Жереми Доку или Мајкл Олисе.
„Навивачите ќе мора да почекаат до вторник. Не се работи за Халанд, но тој е апсолутен ‘галактико’. Прво мораме да разговараме со неговиот клуб. Ние сме сериозни луѓе, за разлика од некои други“, мистериозно порача Перез, потсетувајќи ги гласачите на неговата богата историја во која ги донесе Луис Фиго, Зинедин Зидан, Дејвид Бекам, Кака и Кристијано Роналдо.
Шпанските медиуми веднаш започнаа со калкулации. Бидејќи на Реал му е потребен нов организатор на играта, очите се вперени кон ѕвездите на ПСЖ, Витиња и Жоао Невеш, но во игра е и напаѓачот на Атлетико Мадрид, Хулијан Алварез, со чие ангажирање Кралевите би им нанеле тежок удар и на градскиот ривал, но и на Барселона. Она што е сигурно е дека Перез веќе ги договори дефанзивецот на Ливерпул, Ибрахима Конате, и десниот бек на Интер, Дензел Думфрис. Тие се планирани како засилувања за Жозе Мурињо, кој се враќа на клупата на „Бернабеу“, откако Бенфика потврди дека Реал ќе ја активира неговата откупна клаузула од 15 милиони евра доколку Перес победи викендов.
Контранапад од 37-годишниот милијардер: „Ако не ги донесам Халанд и Родри, ќе ви ги вратам парите!“
Ваквиот потег на Перез беше директен одговор на уште полудата емисија која претходната вечер ја приреди неговиот противкандидат, 37-годишниот бизнисмен Енрике Рикелме. Гостувајќи во шоуто „El Hormiguero“, Рикелме пред камерите покажа дрес од Реал Мадрид со името на Ерлинг Халанд и бројот 9. Тој вети дека доколку победи во недела, следната сезона во Мадрид ќе играат и Халанд и неговиот тимски колега од Манчестер Сити, Родри.
Иако Сити демантираше дека постои каква било откупна клаузула за Норвежанецот кој неодамна го продолжи договорот до 2034 година, Рикелме отиде до крајност. Тој ја искористи култната тактика на самиот Перез од 2000 година со Луис Фиго и вети: Доколку станам претседател и не успеам да ги донесам Халанд и Родри, лично од мој џеб ќе ја рефундирам годишната членарина на сите 100.000 членови на клубот за следната сезона!
Кампањата на Перез се обиде да го саботира Рикелме за време на емисијата, објавувајќи видео на социјалната мрежа Х во кое Жозе Мурињо во опрема на Реал се смешка и вели „да“. Веднаш се појавија сомнежи дека видеото со Мурињо е всушност генерирано со вештачка интелигенција (AI), што дополнително ја зачини оваа филмска изборна битка. Додека Рикелме тврди дека има сосем поинаков „експлозивен тренер“ (се шпекулира за Јирген Клоп или Микел Артета), Перез ја потсетува јавноста дека под негово водство клубот освои 7 европски титули и денес според „Форбс“ вреди неверојатни 10 милијарди долари.
Недела е денот „де“ за Мадрид – Перез сè уште важи за фаворит, но бруталниот напад на младиот Рикелме ветува сензација до последната секунда.



