Проектилот на Зјелински ја скрши Албанија: Полска закажа финале со Шведска!

 

Објавено:

Репрезентацијата на Полска е на само еден чекор од своето трето последователно учество на Светските првенства, откако во пеколна атмосфера во Варшава славеше над Албанија со 2-1. Иако гостите водеа и беа блиску до сензација, искуството на Левандовски и проектилот на Пјотр Зјелински пресудија во корист на домаќинот.

Шок на „Националниот стадион“: Беднарек „заспа“, Хоџа казни

Натпреварот започна со иницијатива на Полјаците. Роберт Левандовски уште на самиот старт се закани, но неговиот удар беше изблокиран. Албанија, која никогаш во историјата нема играно на Мундијал, покажа заби преку Елсеид Хисај кој ја исфрли топката од самата гол-линија по обидот на Кивиор.

Кога сите очекуваа мирен крај на првиот дел, се случи шок. Стоперот Јан Беднарек направи кардинална грешка, не успевајќи да пресече едно длабоко додавање, што му овозможи на Арбер Хоџа да избие сам пред голманот, да го заобиколи и од тежок агол да погоди за водство на Албанија од 0-1.

Пропуштена шанса за нокаут и казна од Левандовски

Второто полувреме донесе деби на 17-годишниот тинејџер Оскар Пјетушевски, но Албанија беше таа што можеше да го реши мечот. По една убиствена контра, Хисај го пронајде Недим Бајрами во чиста позиција, но овој биеше непрецизно над голот.

Казната пристигна сурово. Голманот на Албанија, Томас Стракоша, лошо процени еден центаршут од корнер, а Роберт Левандовски највисоко скокна на втората статива и од непосредна близина ја смести топката во мрежата за 1-1 во 60. минута.

Зјелински со „бомба“ за финале против Шведска

Клучниот момент се случи кога на сцена стапи Пјотр Зјелински. На 25 метри од голот, ѕвездата на Полска доби премногу простор и со фантастичен, „пропадлив“ удар ја погоди далечната мрежа на Стракоша за целосен пресврт и 2-1. Овој гол целосно го скрши отпорот на храбрите Албанци, кои за првпат по една година доживеаја пораз на гостински терен.

Полска сега се подготвува за големото финале во вторник, каде против Шведска ќе се бори за својот билет за Светското првенство.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено