Ракометен спектакл: Алкалоид доминираше, па се распадна пред налетот на Еурофарм Пелистер

 

Објавено:

Дербито на 5-тото коло од ракометната Суперлига (Плеј-оф фаза) ни донесе натпревар кој долго ќе се прераскажува. Во преполната сала во Автокоманда, актуелниот шампион Еурофарм Пелистер демонстрираше неверојатен карактер и успеа да слави над Алкалоид со резултат 33:35 (22:16), иако во еден момент од натпреварот имаше огромна негатива од дури осум голови!

Почетокот на натпреварот навести голема борба. Гостите од Битола тргнаа нешто подобро и во 17-тата минута имаа предност од 8:11. Сепак, тогаш на сцена стапи младиот голман на Алкалоид, Иван Галевски, кој со серија фантастични интервенции го сврте моментумот. Избраниците на Кирил Лазаров влегоа во страшен ритам, израмнија на 11:11, а потоа со убиствена серија стигнаа до огромни 20:14. На полувреме, домашните заминаа со убедлива предност од 22:16.

На стартот од второто полувреме, Алкалоид продолжи во ист стил. Галевски ги одбрануваше обидите (дури и пенали) на битолчани, па предноста се искачи на максимални +8 (25:17 и 26:18) во 35-тата минута. Изгледаше дека натпреварот е решен и дека шампионот е пред тежок пораз кој можеше да го турне на четвртото место на табелата.

Но, тимот предводен од Стевче Алушовски не се предаде. Предводени од искусните крила Дејан Манасков и Богдан Радивојевиќ, пелистерци почнаа полека да ја топат предноста. Манасков беше нерешлива енигма за одбраната на Алкалоид, постигнувајќи неколку клучни голови од контранапад. Во 50-тата минута, токму тој израмни на 29:29, враќајќи ја драмата во Автокоманда.

Во клучните моменти, на голот на Еурофарм Пелистер се разбрани искусниот Никола Митревски. Со неколку витални интервенции им овозможи на своите соиграчи да направат целосен пресврт. Рудолф Хакбарт со два брзи гола донесе водство од 32:34 на нешто повеќе од четири минути до крајот. Алкалоид имаше шанса за израмнување, но Митревски го одбрани клучниот удар на Ненад Костески во последната минута, по што Павле Атанасијевиќ стави точка на натпреварот за конечни 33:35.

Најефикасен во победничкиот табор беше Дејан Манасков со 7 постигнати голови, додека Филип Кузмановски додаде 6 (имаше и 7 асистенции). Кај Алкалоид се истакна Дамјан Митев со 7 голови, а Ненад Костески постигна 6. Голманот на Алкалоид, Иван Галевски, запиша 9 интервенции, додека Митревски кај гостите запре 6 удари.

Со оваа златна победа, Еурофарм Пелистер останува во битката за втората позиција со Охрид (двата тима имаат по 44 бодови), додека лидерот Вардар е сигурен на врвот со 52 бода. Алкалоид сега е четврти со 40 бодови.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено