Рашфорд против Белингем: Ел Класико со англиски шмек

Објавено:

Првото “Ел Класико” од новата сезона носи едно необично, но возбудливо сценарио – најголемото дерби на шпанскиот фудбал ќе има силен англиски белег.

Маркус Рашфорд и Џуд Белингем, двајца фудбалери кои ја претставуваат новата генерација на англиската елита, ќе бидат во фокусот на спектаклот меѓу Барселона и Реал Мадрид. А во позадина, под прашалник, стои и името на Трент Александер-Арнолд, уште еден англиски ас кој би можел да се врати на терен по повредата, но не во својата најдобра форма.

Рашфорд: Каталонски феномен со манчестерска душа

Кога Барселона во јули го доведе Маркус Рашфорд на позајмица од Манчестер Јунајтед, малкумина очекуваа дека ќе стане толку важен дел од тимот на Ханси Флик. Денес, само неколку месеци подоцна, Англичанецот е неприкосновен стартер и едно од најострите оружја на Каталонците.

Со четири гола во три натпревари од Лигата на шампионите и вкупно девет гол-придонеси (пет гола и четири асистенции) во сите натпреварувања, Рашфорд изгледа повторно ослободен, повторно насмеан и повторно опасен.

Извор: https://x.com/FCBarcelona

Флик го користи најчесто на левото крило, позицијата на која се чувствува најслободно, каде може да влезе внатре и да стрела со десната. Со Рафиња и Феран Торес сè уште во процес на враќање од повреди, Рашфорд е без дилема прва опција.

Во соблекувалната го опишуваат како тивок, но максимално професионален, човек кој “работи без многу зборови”. Иако притисокот на “Камп Ноу” е огромен, 27-годишниот Англичанец делува како да го ужива тоа. Ова дерби може да биде неговата вистинска сцена, моментот кога ќе ја потврди трансформацијата од осамен напаѓач на “Олд Трафорд” во новиот лидер на офанзивата на Барселона.

Белингем: Реаловиот мотор кој сè уште бара полн ритам

На другата страна стои Џуд Белингем, човекот кој само една година претходно беше симбол на мадридскиот препород. Но новата сезона започна тешко со операција на рамото, долга пауза, па враќање во ритам што не е типично за него.

Белингем го започна дербито против Атлетико Мадрид, кое Реал го загуби со 5-2, а потоа привремено ја изгуби стартната позиција. Тренерот Чаби Алонсо полека го враќа во форма, а победничкиот гол против Јувентус во Лигата на шампионите беше знак дека Англичанецот повторно “се буди”.

За Белингем, “Ел Класико” не е само уште еден натпревар, тоа е сцена која веќе му припаѓа. Пред две години, токму во ова дерби, тој го постигна својот легендарен двоен погодок на “Камп Ноу”, вклучувајќи и гол во 92-та минута за победа од 2-1. Тој момент го претвори во симбол на мадридскиот дух, но минатата сезона му донесе спротивност, серија порази од Барселона, без ниту еден негов гол или асистенција.

Сега, под водство на нов тренер, со нов систем и свежа енергија, Белингем ќе бара начин повторно да го обои “Ел Класико” во бело.

Трент Александер-Арнолд: Со класа, но без ритам

Третиот Англичанец на оваа сцена, Трент Александер-Арнолд, се очекува да биде дел од составот на Реал Мадрид, но неговата улога е сè уште неизвесна.
Откако се пресели од Ливерпул летово, Трент се соочи со тешкотии во адаптацијата – различен стил, нова средина и повреда на задната ложа што го држеше надвор од терен повеќе од еден месец.

Иако мадридските навивачи имаат топли спомени од неговиот “брз корнер” против Барселона во полуфиналето на Лигата на шампионите 2019, денес Англичанецот мора да се докажува одново.

Алонсо му верува, но свесен е дека моментално не е на своето препознатливо ниво. Најверојатно ќе почне од клупа, со Федерико Валверде во стартниот состав на десната страна.

Извор: https://x.com/realmadrid

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено