„Речиси перфектна есен“: Бледи Шкемби го откри рецептот за успехот на Струга

Објавено:

Ако некој мислеше дека Струга Трим Лум ќе забави по шампионските сезони, се излажа. Шампионот од сезоните 2022/2023 и 2023/2024 дише во вратот на лидерот Вардар, а стратегот Бледи Шкемби скромно, но самоуверено, ја сумираше есенската полусезона која неговиот тим ја одигра речиси без грешка.

Со импресивен биланс од 13 победи во 16 натпревари и само еден пораз, стружани собраа 41 бод, само еден помалку од есенскиот шампион Вардар.

„Тимот не згреши во ниту еден момент“

Иако бројките го прават Шкемби рекордер како дебитант на клупата на Струга, тој одбива да ги земе заслугите за себе. За него, клучот е во хемијата создадена во соблекувалната по големите промени во играчкиот кадар.

„Најпрво, целта ни беше да создадеме силен и сплотен тим, бидејќи од минатата сезона имаше многу промени. За среќа, успеавме да формираме тим кој од тренинг во тренинг се подобруваше… Не случајно сме на второто место, вели Шкемби за официјалниот сајт на федерацијата.

Тој додава дека спокојот што го обезбедила управата бил клучен за неговата адаптација.

„Не го гледам ова како личен успех. Најпрво, голема благодарност до играчите, тие се професионалци во секој момент… Тимот не згреши во ниту еден момент од сезоната, потенцира тренерот.

Најава за пеколна пролет

Погледот на табелата ветува една од најнеизвесните пролетни полусезони во историјата на ПМФЛ. Вардар е прв (42 бода), Струга втора (41), а Шкендија демне од третата позиција со 36 бодови.

Шкемби е свесен дека трката штотуку почнува:

„Мислам дека за шампионската титула ќе се борат првите четири екипи, бидејќи до крајот има уште многу натпревари. Ќе се подготвиме добро за вториот дел од првенството“.

Струга ТЛ ја заврши есента со серија од пет победи по ред и со најдобриот напад во лигата (42 постигнати гола).


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено