Рекорден интерес: И покрај критиките, НБА лигата е погледана од кога било досега!

 

Објавено:

Често во јавноста може да се слушнат коментари дека НБА кошарката станала здодевна и дека интересот за регуларниот дел од сезоната опаѓа, но официјалните бројки кажуваат друга приказна. Најсилната кошаркарска лига во светот штотуку го забележа најдобриот период на посетеност во својата историја.

Во последните три сезони, НБА лигата бележи рекордна посетеност, што е најдобар период во историјата на ова натпреварување. Само оваа сезона, сите тимови заедно привлекле преку 22,18 милиони навивачи, со просек од 18.108 гледачи по натпревар. Ова е трета сезона по ред со вакви импресивни резултати, додека во последните три години, трибините на натпреварите од регуларниот дел на сезоната ги исполнија речиси 67 милиони гледачи.

Фасцинантен е податокот дека капацитетот на салите е исполнет до импресивни 97 %, што се случило само четврти пат во историјата на НБА. Дури единаесет екипи можат да се пофалат дека ги распродале влезниците за секој домашен натпревар. Далас Маверикс, благодарение на местата за стоење, сезоната ја завршија со повеќе од 100 % исполнетост на капацитетот.

Извор: https://www.streetopia.me/

Кога станува збор за лојалноста на навивачите, Мајами го држи најдолгиот активен низ на распродадени натпревари од цели 14 сезони (со исклучок на периодот погоден од пандемијата). Слична е приказната и со Бостон Селтикс, кои го имаат распродадено секој домашен натпревар уште од сезоната 2021/22.

Посебна приказна оваа сезона се Сан Антонио. Поради огромниот интерес, просечната посетеност во нивниот „Фрост Банк Центар“ пораснала за дури 15,5 % во споредба со претходната сезона, достигнувајќи 18.703 гледачи. Подеднакво барани биле и како гости, а сите осум натпревари што ги одиграле во „Муди Центар“ во Остин биле целосно распродадени.

Заклучокот е недвосмислен: без оглед на шпекулациите за квалитетот на играта или цените на влезниците, навивачите не се откажуваат од НБА спектаклот. Фактите јасно покажуваат дека НБА лигата во салите се следи повеќе од кога било досега.

Гостинска статија на Марија Петровска

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

 
 

Тазе објавено