Фудбалскиот клуб Лацио официјално потврди дека поранешниот селектор на Италија, Џенаро Гатузо, е нивниот нов главен тренер. Оваа објава доаѓа неколку недели откако 48-годишниот стратег за првпат беше забележан во тренинг-центарот на клубот.
Гатузо уште на 3 јуни беше виден како влегува во базата во Формело, каде што разговараше за трансфер-стратегијата со директорите на клубот и претседателот Клаудио Лотито. Според информациите, договорот бил начелно постигнат уште на 25 мај, но официјалната промоција се случи дури денеска. Гатузо стави потпис на двегодишен договор со римскиот клуб, наследувајќи го Маурицио Сари, кој неодамна презеде нова улога во Аталанта.
Во официјалното соопштение, Лацио срдечно го пречека новиот кормилар. „Лацио објавува дека го назначи господинот Џенаро Гатузо за главен тренер на првиот тим. Клубот е уверен дека неговото искуство, професионализам и одлучност ќе придонесат за остварување на спортските цели“, стои во објавата.
За популарниот „Рино“, ова е прв ангажман откако на 3 април поднесе оставка од позицијата селектор на Италија. Неговата авантура на чело на „Аѕурите“ заврши неславно откако не успеа да обезбеди пласман на Светското првенство, доживувајќи болен пораз на пенали од Босна и Херцеговина во баражот. Тој беше назначен за селектор во јуни 2025 година и на клупата се задржа помалку од една година, со биланс од шест победи и два порази.
Гатузо зад себе има богато тренерско искуство. Ја започна својата кариера во швајцарски Сион во 2013 година, а оттогаш ги водеше екипите на Палермо, ОФИ Крит, Пиза, Милан, Наполи, Валенсија, Олимпик Марсеј и Хајдук Сплит.



